/ Прочитано:

1.150

Граѓаните ќе може да пријавуваат повреда на избирачкото право во Хелсиншкиот комитет и кај Народниот правoбранител

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги известува граѓаните дека в недела, 15 октомври 2017 година, канцеларијата на Хелсиншкиот комитет ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на локалните избори.

Комитетот ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Хелсиншкиот комитет кој се наоѓа на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83 во Скопје. Доколку граѓаните не се во можност да дојдат до нашите простории, случаите на повреда на избирачкото право можат да го пријават и преку телефонскиот број 02/3119-073.

Покрај личното и телефонското пријавување, овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право.

„Граѓаните може да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно. Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени, со цел да се верификува нивната веродостојност. Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Хелсиншкиот комитет и тие нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните што ја пријавиле повредата“, велат од Хелсиншкиот комитет.

На денот на одржување на првиот круг од локалните избори 2017, сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, од 7:00 до 19:00 часот, ќе бидат отворени за граѓаните, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права.

„Освен лично во канцелариите, граѓаните ќе може изборните нерегуларности да ги пријават и на телефонските броеви во Канцеларијата во Скопје на 02/3129-327 и 3129-367, во Битола на 047/242-310, во Кичево на 045/228-586, во Куманово на 031/431-488, во Струмица на 034/329-996, во Тетово на 044/344-082 и во Штип на 032/389-701.

Народниот правобранител Иџет Мемети во денешното соопштение ја истакнува важноста на почитувањето на правото на слободно изразување на волјата на граѓаните, како едно од фундаменталните човекови права што придонесува за создавање на демократски и функционални институции за здраво демократско општество.

Во таа насока, Народниот правобранител апелира до сите, а особено до надлежните органи, во рамките на нивните можности и надлежности да придонесат за спроведување на избори во кои гласањето ќе се одвива слободно и непречено, во согласност со законот и доследно да се почитуваат човековите права“, се вели во соопштението на Народниот правoбранител.

М.В