/ Прочитано:

3.181

Граѓаните кои имаат заостанат долг за вода ќе можат да го платат без пресметана камата за задоцнето плаќање

Сите корисници на услугите на ЈП „Водовод и канализација“­ Скопје кои имаат заостанат долг за вода, тужен и редовен, од денеска ќе можат да го исплатат долгот без пресметана камата за задоцнето плаќање.

„Одлуката за ослободување од камата на сите корисници вчера ја донесе Управниот одбор на претпријатието. ­ Можноста да се плати долгот без камата е со определено времетраење, во рок од 90 дена. Почнува од денеска и зависи од висината на долгот, главен долг и трошоци. Физичките лица можат да го исплатат долгот на 4, 6, 8, 10 или 12 рати, во зависност од висината на долгот, изјави денеска директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје Александар Атанасов.

Според Атанасов, граѓаните ако должат од 10 до 30 илјади денари, ќе можат да го платат долгот без камата на максимум четири рати, а доколку должат од 50 до 70 илјади денари можат да платат без камата на максимум осум рати.

„Плаќањето заостанат долг без камата важи и за правните лица. Ова не важи само за државните институции и за единиците на локалната самоуправа. ­ Приватните и стопански субјекти можат да го исплатат долгот на 2, 3, 4, 5 и 6 рати без камата од претходни години и во зависност од долгот од 50, 100, 150 или 200 илјади денари“ изјави Атанасов.

Како што информира Атанасов, Управниот одбор на претпријатието донел одлука со која физичките лица од социјално ранливите категории, приматели на постојана парична помош, приматели на социјална помош и самохрани родители кои имаат заостанат долг можат да го платат долгот на двојно повеќе рати од предвиденото.