/Прочитано:

704

Граѓански здруженија бараат целосно ревидирање на легислативата поврзана со животната средина

Повеќе граѓански иницијативи и здруженија бараат од Владата на РМ итни чекори за подобрување на состојбата со животната средина во РМ со акцент на загадениот воздух и почва.

Со оглед на хронично алармантно висока загаденост на воздухот во Република Македонија, здруженијата бараат итни подобрувања на квалитетот на воздухот и на почвата, чие влијание е поврзано со квалитетот на воздухот.

Граѓанските организации бараат целосно ревидирање на легислативата поврзана со животната средина, нејзино усогласување, елиминирање на спротивставени одредби во други закони и утврдување потреби од суштински дополнувања, измени, воведување нова легислатива.

Како критични извори на загадување, здруженијата ги наведуваат „Ремедијација“ на ОХИС – Скопје и Топилница Велес, како најризични од 16 индустриски жешки точки и започнување со продолжување на процесот кај преостанатите до комплетна санација.

Граѓанските организации бараат и усогласување на оперативниот план на РЕК Битола за А-ИСКЗ, филтри и затворен систем на отпрашување, дислокација на загадувачката индустрија надвор од населените места, минимум 10 километри вон границите и  дислокација на фирмите за отпад вон населените места.

Исто така, организациите бараат раскинување на постојните договори за концесии и запирање на отворање нови рудници за јаглен и металички минерални суровини,  забрана за рудници од површински коп и употреба на цијанид и забрана за движење низ градските средини на сите мобилни извори кои загадуваат под ЕУРО 3 стандард, почнувајќи од Скопје, вклучително мобилната механизација во индустријата, градежништвото и сл.

М.В