/ Прочитано:

995

Граѓанските организации бараат промена на регулативата и соодветен даночен третман

Над 70 граѓански организации формираа мрежа за финансиска одржливост во рамките на проектот „Промени за одржливост“ кој е финансиран од Европската Унија. Финансиската одржливост се смета како најголем предизвик на граѓанските организации и промената на законите од оваа област се очекува да придонесе за градење поволна средина за ваквата одржливост.

Мрежата ќе застапува поволни промени и законски измени во даночниот третман на граѓанските организации, даночните олеснувања за донации и спонзорства и поврзување со статусот на организации од јавен интерес, сметководствениот систем за непрофитни организации, како и статусот на овие организации како работодавачи и поддршка за вработување во граѓанскиот сектор преку активни мерки за вработување.

Во мрежата членуваат вкупно 73 граѓански организации. Во согласност со последните податоци во Македонија, вкупниот број активни граѓански организации е 4.148. Како активни организации можат да се сметаат оние кои поднеле завршна сметка или кои поднеле изјава, а такви се 1.497 организации кои поднеле завршни сметки и 2.651 кои поднеле само изјава/одлука во 2015 година.

На настанoт кој се одржа по повод формирањето на мрежата, Никица Кусиникова од здружението „Конект“ истакна дека моменталната законска регулатива не секогаш ги зема предвид спецификите на работењето на здруженијата и тие имаат ист третман како и фирмите, а често пати се невидливи и непрепознаени како посебен сегмент што дејствува непрофитно.

„Поради тоа е важно и даночниот третман да е различен. Многу од досегашните даночни субвенции или поттикнувања важат подеднакво и за едните и за другите. Сакаме да видиме дали нашата регулатива соодветно ги прави овие разлики и да предложиме конкретни амандмански решенија“, посочи Кусиникова.

Таа додаде дека за обезбедување пристап до носителите на одлуки и за отворање канали на дијалог е формиран меѓусекторски Советодавен комитет, во кој се поканети и прифатиле членство претставници од министерствата за финансии, за правда, за локална самоуправа и за труд и социјална политика, како и советник на премиерот за законодавни прашања.

Раководителката на програмата за граѓанско општество при Делегацијата на ЕУ Ирена Иванова рече дека граѓанските организации веќе се препознатливи во своите сектори, но битно е тие да се профилираат и да дејствуваат рамномерно во секторската политика бидејќи силата е во вмрежувањето.

„Секторската артикулација на проблемите во однос на владините институции е поуспешна. Овој проект е убав зашто граѓанските организации заедно работат во партнерство со владините институции за подобрување на условите и на секторските политики во општеството“, рече Иванова.

M.В