/ Прочитано:

1.322

Граѓанските организации бараат во Собранието итно да се стават на дневен ред законите  за социјална заштита и за заштита на децата

Членките на Македонската платформа против сиромаштија и пријателските организации изразуваат загриженост поради одлагањето на донесувањето на Законот за социјална заштита и дополнувањето на Законот за заштита на деца и бараат нивно итно ставање на дневен ред на Собранието.

„Со оглед на алармантната ситуација со сиромаштијата во земјата, неопходно е веднаш да се отпочне со новите решенија, со кои се прави обид за суштинска реформа на системот на социјалната заштита и начинот на кој ќе се овозможуваат услугите од социјална заштита. Исто така, сакаме да истакнеме дека овие предлози ги адресираат нашите забелешки кои се однесуваат на системски недостатоци и недоволните капацитети на институционално ниво во социјалната заштита, а се нотирани и во меѓународни извештаи кои се однесуваат на оваа сфера“, велат од Македонската платформа против сиромаштија.

„Во годините наназад постојано апелиравме дека се потребни измени за да се воведат нови услуги, дека е неопходна соработка помеѓу секторите за социјална заштита, образование и здравство, да се подобри функционирањето на центрите за социјална работа, како и тоа да се воведе минимален адекватен приход кој ќе ја замени постојаната паричната помош која не ги дава посакуваните резултати. Исто така, во секоја прилика повторувавме дека недоволен е капацитетот на државните институции за спроведувањето на националната политика за социјална заштита, и можеби клучното, дека социјалните работници се претежно задолжени за административни барања, со недоволно време и внимание на терен за поддршка на оние на кои им се потребни услуги од социјална заштита“, додаваат  од Платформата.

Од Платформата објавуваат и барање итно ставање на дневен ред на Собранието на Законот за социјална заштита и дополнувањето на Законот за заштита на децата.

„Во оваа прилика сакаме да се повикаме и на Извештајот за Македонија на Европската комисија за 2018 година, во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, каде  што се констатираат одредени состојби во однос на заштитата на правата на децата. Имено, се нотира дека нема продолжување на Акцискиот план за децата кој истече во 2015 година. Децата Роми и децата со посебни потреби сè уште страдаат од стигма, дискриминација и сегрегација, особено во образованието и другите услужни сектори. Иако е постигнат одреден напредок во последните години, постои ограничена координација во спречувањето и реагирањето на насилството врз децата. Не постои унифициран систем за собирање податоци и следење (на повеќето аспекти поврзани со состојбата на децата). Исто така, државата има многу мал капацитет да обезбеди помош, заштита и грижа за децата. Службите за заштита на децата се фрагментирани и итно е потребен интегриран систем за детска заштита, кој го става детето во центарот на системот. Мерките и ресурсите за спречување на насилството и малтретирањето во училиштата сè уште не се доволни.

Оваа држава, која себеси се идентификува како социјална и претендира за членство во ЕУ, не смее да одолговлекува измена на две клучни законски решенија, директно поврзани со областа на заштита на човековите права во структурата на правото на ЕУ.

Неопходно е отворање на јавна дебата и дискусија за придобивките на законите и итно усвојување на законските решенија за што побрзо да почнат реформите во социјалната сфера.

Затоа, денеска, на Светскиот ден на социјалната правда, бараме и очекуваме народните избраници да ги издигнат на приоритетно место и да се заложат за исполнување на потребите на граѓаните од областа на социјалната заштита“, се вели во барањето на Македонската платформа против сиромаштија и пријателските организации.

Новиот Закон за социјалната заштита во собраниска процедура со европско знаменце

Утврден пакетот закони за социјалните реформи

Објавен текстот на Предлог-законот што предвидува социјална пензија на стари лица

МТСП подготвува измени на Законот за заштита на децата

Јавна консултација за Предлог-законот за социјална заштита

Извештај за предлог-реформата на системот на социјална и детска заштита

Ќе се менуваат законите за пензиското осигурување и за придонесите од задолжително социјално осигурување

Во подготовка Закон за социјална сигурност за старите лица: Посебно парично давање за старите лица кои не оствариле пензија

Во подготовка Закон за социјалната заштита, чија цел е подобрена ефикасност на социјалните услуги

М.В