/ Прочитано:

732

Граѓанските организации бараат закон кој ќе спречи изградба на хидроцентрали на Шар Планина

Над 40 граѓански здруженија бараат законски да се заштити Шар Планина и да се оневозможи изградба на нови мали хидроцентрали.

„Доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали! Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи Планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување“, велат граѓанските организации, кои додаваат дека бараат министерот за животна средина, во согласност со членот 97 од Законот за заштита на природа, да ја стави Шар Планина во привремена заштита.

Во реакцијата до надлежните институции, тие го потсетуваат Министерството за животна средина дека е дел од Влада чија Програма предвидува забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја.

„Бараме целосна ревизија на законот и негово усогласување со оваа определба, како и многу други стратегии, извештаи итн. кои, исто така, предвидуваат крај на уништувањето на природата од страна на проектите за мали хидроцентрали. Најпосле, сметаме дека закон кој овозможува продолжување на уништувањето на подрачјето кое го заштитува е спротивен на духот и целите на Законот за заштита на природата, од кој произлегува и кој би требало да го спроведе во практика“, гласи заедничкиот став.

„Очекуваме да се донесе закон кој реално ќе ја заштити природата, ќе го подобри животот на граѓаните, ќе го подигне на повисоко ниво почитувањето на законите, а со тоа и ќе ја приближи земјата до стандардите и политиките на Европската Унија“, истакнуваат граѓанските организации.

М.В