Граѓанските организации пред Комитетот на ОН: Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани
Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани во сите сфери на живеење и нивните права не се почитуваат. Ова е главната порака што ја изјавија македонските невладини организации во Женева пред Комитетот на Обединетите нации задолжен за следење на имплементацијата на Конвенцијата на елиминација за сите форми на дискриминација кон жените од страна на Република Македонија.
„Претставничките од невладините организации во Македонија изјавија пред Комитетот дека во периодот од 2008 до 2016 година 70 жени се убиени во земјава, од кои 51 се жртви на фемицид, односно се убиени само затоа што се жени, а 80% од нив се убиени од интимен партнер. Тие потенцираа дека државата потфрли да обезбеди заштита на жртвите на родово базирано насилство“, информираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Пристапот до здравствена заштита и услуги за жените останува ограничен, особено пристапот до безбеден и законски абортус и контрацепција. Позицијата на жените на пазарот на трудот е повеќе од алармантна. „Во Македонија 65% од неактивната популација на пазарот на труд се жени, што во најголема мера се должи на неплатената домашна работа на жените. Особено загрижувачка е состојбата со текстилните работнички кои се соочуваат со континуирано прекршување на нивните работнички права и погазување на достоинството”, истакнаа невладините организации.
Пред Комитетот, исто така, имаше претставничка од организацијата на сексуални работнички, која истакна дека 68% од нив преживуваат насилство поради нивната работа и се соочуваат со ограничен пристап до здравство, социјални услуги и правна заштита. По заминувањето на Глобалниот Фонд од Македонија и преземањето на финансирањето на програмите за превенција од ХИВ помеѓу сексуалните работници, државата не обезбедува средства за правна помош на сексуалните работници и бесплатни гинеколошки услуги, што влијае врз нивното сексуално и репродуктивно здравје и врз нивните права.
„Лезбијките, бисексуалките и трансродовите (ЛБТ) луѓе сè уште се на маргините во нашето општество. Претставниците изјавија: ‘Државата потфрли во истрагата на кривичните делата од омраза и говорот на омраза насочени кон ЛБТ-луѓето и тоа придонесе за зголемување на насилството. ЛБТ-луѓето во Македонија немаат доверба во институциите и многу ретко ги пријавуваат насилството или дискриминацијата, а тие кои пријавиле биле дополнително дискриминирани од страна на службениците.’ Исто така беше потенцирано дека младите ЛБТ-луѓе секојдневно преживуваат врсничко насилство заради нивната сексуална ориентација или родов идентитет“, истакнуваат од Комитетот.
Ромките се соочени со повеќекратна дискриминација, и како жени и како Ромки, со ограничен пристап до правата загарантирани со Конвенцијата. Загрижува фактот дека сè уште има Ромки незапишани во матичната книга на родени, без регулиран граѓански статус и престој, кои не поседуваат важечка лична документација. „Особено сме засегнати од ограничениот пристап до образование, вработување и самовработување, адекватно домување и квалитетна здравствена заштита, посебно во делот на репродуктивното здравје”, изјавија претставничките присутни на сесијата на Комитетот.
Жените од руралните средини се невидливи и заборавени од страна на државата. Социјалната исклученост, невработеноста, родовата дискриминација, нееднаквата распределба на ресурси, доминацијата на традиционалните норми, неостварувањето на правото за сопственост на земјоделски имот и породилно отсуство, ограничениот пристап до едукација, информација, здравствени и социјални услуги беа истакнати како причини за таквата состојба.
„Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации се состанува на секои 4 години, кога се разгледува имплементација на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација кон жените. Конвенцијата е ратификувана од Република Македонија во 1994 година. Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените е усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година. Често опишувана како меѓународен закон за правата на жените, оваа Конвенција го дефинира значењето на дискриминацијата врз жените и утврдува правни обврски за земјите членки да стават крај на таа дискриминација“, образложуваат од Хелсиншкиот комитет.
Невладини организации: Коалиција „Маргини“, ХОПС, СТАР-СТАР, Здружение „ЕСЕ“, Акција „Здруженска“, „Отворена порта“ Македонија, Европски центар за права на Ромите, Хелсиншки комитет за човекови права во Република Македонија – ЛГБТИ Центар за поддршка, Здружение „ХЕРА“, Здружение „Реактор – Истражување во акција“, Иницијатива на Ромки од Шуто Оризари, Центар за интеграција – „Амбрела“, Центар за развој на демократија и иницијативи – ЦДРИМ, Центар за социјални иницијативи „Надеж“, Здружение „Сумнал“, Национална федерација на фармери, Национален ромски центар, Мрежа за застапување на Роми.
М.В