/ Прочитано:

2.296

Граѓанските организации предлагаат законска регулатива за управување со вишокот храна

Огромните количества на вишокот храна имаат потенцијал да нахранат околу 13.000 граѓани со три оброка дневно. Во исто време, дури 445.000 граѓани имаат проблем да обезбедат храна и поради недостиг на финансии во просек имаат по еден оброк во денот. Овие поразителни податоци се основниот поттик за иницијативата за донесување закон за донирање на вишок храна. Носител е граѓанската  коалиција „Ајде Македонија“ со вкупно стотина граѓански организации. Новиот закон би го регулирал и поддржал донирањето на големите количества храна кои доаѓаат од процесите на производство, нејзино чување, транспорт и продажба од страна на земјоделците, фабриките, супермаркетите, добавувачите и др.

Во Македонија во просек се фрла помеѓу 4.500 и 6.500 тони храна, во вредност  меѓу 8 милиони и 11,6 милиони евра. Таа има потенцијал да нахрани околу 13.000 граѓани со три оброка дневно. Во исто време, дури 445.000 граѓани имаат проблем да обезбедат храна и поради недостиг на финансии во просек имаат по еден оброк во денот. Овие поразителни податоци се основниот поттик за иницијативата за донесување закон за донирање на вишок храна. Носител е граѓанската  коалиција „Ајде Македонија“ со вкупно стотина граѓански организации. Новиот закон би го регулирал и поддржал донирањето на големите количества храна кои доаѓаат од процесите на производство, нејзино чување, транспорт и продажба од страна на земјоделците, фабриките, супермаркетите, добавувачите и др.

„Во македонското законодавство, во однос на управувањето со отпад, нема посебен закон за отпад од храна. Овој вид отпад се споменува како дел од биоразградливиот отпад во основниот Закон за управување со отпад, а дополнително е уреден со ‘Правилник за количеството на биоразградливи состојки во отпадот што смее да се депонира’. Со други зборови, институционално нема посебна стратегија и план како да се намали отпадот од храна“, вели Блаже Јосифовски од коалицијата „Ајде Македонија“

Според него, нашето законодавство, за разлика од она на развиените држави членки на ЕУ, не предвидува оданочување на депонирањето на отпадот за да го дестимулира, а  притоа  единствен трошок кој го имаат оние што ја фрлаат храната е таксата која ја плаќаат на депониите. Таа изнесува 3.100 денари по тон“, вели Јосифовски.

Проблемот што овие невладини организации настојуваат да го решат опфаќа повеќе закони и неколку ресорни министерства. Како еден од поважните, тие го  посочуваат Законот за донации и спонзорства. Според нив, тој  во практика не ја исполнува една од неговите цели – да овозможува и да го поттикнува донирањето на вишокот храна. „Проблемот со неговата практичност се појавува кај процедурата за обезбедување на даночно поттикнување. Со оглед на тоа дека вишокот храна е специфичен вид материјално добро, кое е стриктно поврзано со рокови, потребна е процедура која ќе биде поедноставна и далеку побрза“, вели Јосифовски.

Според невладините организации, подеднакво важни се и прашањата што произлегуваат од Законот за безбедност на храна. Обврските и правилата што се однесуваат на операторите за храна (со овој термин би се опфатиле и донаторите на храна) се регулирани со членовите 31, 32, 33 и 34 (обележување на храната, пакување, складирање, следливост, мониторинг итн.).Тие забележуваат  дека овој закон  определува голем број обврски за донаторите и распределувачите (граѓанските организации) на вишокот храна, но не дава заштита во случај на несакани последици, иако таа храна била дадена со добра волја и според прописите за безбедност на храна. Проблемот со роковите (датум до кој може да се користи производот) е на трето место. Искуството на граѓанските организации покажува дека производителите често знаат да наведат рокови кои не одговараат на реалниот, бидејќи се водат од претпоставката дека доколку корисникот го фрли производот, ќе посака да набави нов.

Оттука, коалицијата „Ајде Македонија“ пред надлежните министерства и институции излезе со неколку барања: ослободување од кривична одговорност за граѓанските организации и донаторите на храна во случај на несакани последици врз примателот на донираната храна (доколку таа е донирана со добра волја и со запазени процедури за безбедност на храна); воведување едноставна процедура за даночни поттикнувања за донаторите на храна; воспоставување список на храна која може да биде донирана по поминување на рокот на трајност; продолжување на рокот на употреба на дел од продуктите во согласност со позитивната практика на другите држави, воведување еколошка такса за фрлање на вишоците на храна, со цел да се дестимулира таквата тенденција и воспоставување меѓуресорско координативно тело за намалување на отпадот на храна во Македонија.

„Со нашите мерки сакаме да го прошириме тоа што може да биде безбедна храна, бидејќи храната која можеби изгубила дел од своите квалитети не значи дека не е безбедна за исхрана“, вели Јосифовски.

Коалицијата „Ајде Македонија“, која во изминатите неколку недели реализираше неколку средби со претставници на ресорните министерства (Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за финансии), очекува дека новата законска рамка треба да биде дефинирана до почетокот на септември.

„Ја поддржавме иницијативата и на неа работат лица од надлежните институции, кои заедно со претставниците на граѓанските организации ќе се обидат да операционализираат мерки за полесно овозможување на процесот на донирање храна“, вели министерката  за труд и социјална политика Мила Царовска.

Според неа, тие треба заеднички да постават оска за креирање на систем преку кој оној отпад што се фрла, како и во другите земји, ќе се собира и ќе се редистрибуира во општеството.

„Како министерство сме подготвени да утврдиме што е потребно за системот да се постави на нозе и кои законски решенија треба да се донесат“, вели Царовска. Посочува дека ова е неопходно, пред сè, поради сегашната ситуација во која народните кујни не си ја вршат улогата. „Не е соодветен ниту начинот на кој се дистрибуира храната, ниту пак продуктите што им се нудат на социјално загрозените лица“, тврди Царовска.

Според претставниците на Министерството за финансии, сите нивни ставови се засега  начелни, но барањето за даночни олеснувања за донаторите на храна е помалку веројатно. Од таму посочуваат дека е многу поконструктивно поттикнувањето да биде индиректно, а не директно. Како решение ја нудат можноста донаторите на храна да бидат ослободени од трошокот кој мора да го издвојат при фрлањето храна на депониите. Тој би бил покриен од страна на државата.

За Агенцијата за храна и ветеринарство засега се прифатливи само дел од барањата. „Идејата за продолжување на рокот за употреба на храната може да биде применлива  во некои случаи, на пример кај конзервираната, трајна храна  чиј рок може да биде пролонгиран за одреден период. Толеранција може да се има и кога  во малопродажбата се  враќаат дел од продуктите на добавувачите бидејќи не можат да се продадат, но нивниот рок сè уште не е истечен. Таа храна може да се донира“, велат од таму.

Посочуваат дека рокот на трајност е сериозна работа бидејќи е утврден со голем број испитувања. За нив е особено спорна идејата за ослободување од кривична одговорност за граѓанските организации и донаторите на храна во случај на несакани последици врз примателот на донираната храна, доколку таа е донирана со добра волја и се запазени процедурите за безбедност на храна.

Аргументите на коалицијата „Ајде Македонија“ зошто овие решенија треба да станат дел од новата законска рамка се темелат врз искуствата на другите земји. „Во САД од 1996 година во сила е законско решение кое ги ослободува од кривична одговорност граѓаните и граѓанските организации што учествуваат во процесот на донирање храна, односно одговорноста е врз тој што ја прима храната. Во Бугарија нивното Министерство за земјоделство има објавено список на храна која може да се донира без ДДВ по поминувањето на рокот. Француското законодавство се разликува од другите по тоа што воведува казни за тие што нема да се вклучат во донирање на вишоците храна“, вели Јосифовски.

До конечното дефинирање на законската рамка претстојат уште неколку средби на работната група. Коалицијата „Ајде Македонија“ очекува дека нивните барања, или барем најголемиот дел, ќе бидат прифатени од страна на ресорните министерства.

А. Б.