/ Прочитано:

1.409

Граѓанските организации реагираат поради недоволната вклученост во подготовката на законските решенија

Граѓанските организации денеска го презентираа Вториот квартален мониторинг бриф, кој е дел од активностите во рамките на проектот „За правда“ – заедничка акција за следење на реформите во судството и застапување за нивно спроведување, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Проектот го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со партнерските организации: Коалицијата Сите за правично судење, Македонското здружение на млади правници, Институтот за европски политики, Институтот за човекови права и Центарот за правни истражувања и анализи, со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Овој извештај го опфаќа периодот од декември 2018 година до март 2019 година, во кој требаше да завршат повеќе активности предвидени со Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за реформи во правосудството (2017 – 2022) и да бидат донесени повеќе закони.

Од извештајот веднаш може да се согледа дека предвидените рокови не се испочитувани, но овие пречекорувања може до некаде да се сметаат за оправдани со оглед на другите круцијални процеси кои се случуваа во земјава во изминатиот период. Што се однесува до имплементацијата, во извештајниот период биле донесени шест нови закони или законски измени и дополнувања и тоа на Кривичниот законик, Законот за судови, Законот за управен спор, Законот за прекршоци, Законот за извршување и Законот за нотаријатот. За повеќето закони организациите немаат оценка за импелентација бидејќи сеуште не се објавени и не се стапени на сила. Меѓутоа, предупредувања на организациите за можните правни последици од најновите измени во Кривичниот Законик се остварија ( намалување на казните на обвинетите во случајот „Тотал“).

Делумна транспарентност и вклученост на граѓанските организации; предвидените рокови не се испочитувани; дел од проблемите со СЈО навидум се решаваат, но некои се продлабочуваат; гаранцијата како мерка сè уште не е укината и покрај јасните одредби во Законот за кривична постапка, се клучните заклучоци на граѓанските организации.

Во таа насока, на денешниот настан граѓанските организации нагласија дека, и покрај тоа што власта покажува декларативни заложби и волја за соработка со граѓанските организации, особено во областа на правосудство и кога станува збор за Блупринт групата за правосудство, која е и член на Советот за следење имплементација на реформите од правосудството, сепак во пракса закони како што се измените на Кривичниот законик и Законот за јавно обвинителство се донесени без нивно учество.

„Ова за нас е голем пропуст и не говори за тоа дека навистина има сериозна заложба на Владата да нè вклучи во овие исклучително важни процеси за целата држава. Некои клучни закони беа донесени во скратена постапка, како Законот за јавно обвинителство. Тој и понатаму се подготвува на начин на кој воопшто не одговара, ако се има предвид неговата важност. На почеток граѓанските организации не беа вклучени во неговата подготовка. Тоа беше еден процес кој сосема беше затскриен од јавноста, а сега сме сведоци дека политичките партии преговараат во однос на законските решенија на закон кој за сите нас и за целото општество е од исклучителна важност“, образложи извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска.

На денешниот настан беше посочено дека граѓанските организации имале забелешка за нивното неучество и во подготвувањето на првиот Закон за Специјалното јавно обвинителство.

„Нашата главна забелешка кога се донесуваше првиот Закон за СЈО, но и сега кога се донесува Законот за ЈО, каде што се трансформира СЈО, е на постапката во која се носи“, истакна Нада Наумовска од Фондацијата Отворено општество.

Наумовска  додаде дека трансформацијата на СЈО се чини решена, меѓутоа не е јасна неговата поставеност спрема Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал. Според Наумовска, специјалноста во однос на ова обвинителство се губи ако се има предвид дека тоа има ограничен мандат до кога ќе постапува во случаите кои произлегуваат од прислушуваните материјали.

Таа се осврна на aнализата за проблемите и предизвиците на СЈО, подготвена од професорот Гордан Калајџиев каде е оценето дека со понудените решенија, дел од проблемите навидум се решаваат, но некои се продлабочуваат. Оттука, трансформацијата на обвинителството се решава, но не е јасна неговата поставеност во однос на Одделението за организиран криминал, а проблематични остануваат и роковите за постапување.

,,Кога се носеше првиот закон бевме во политичка и институционална криза. Сега не сме во таква ситуација. Ако тогаш беше оправдано, сега не е случај. Амандманите се нешто што треба да се разгледува, но законот во целост треба да е ставен на расправа на засегнатите страни и граѓанските организации’’, нагласи Наумовска.

Кон средината на овој месец граѓанските организации побараа повлекување на Предлог-законот за јавното обвинителство.

„Како граѓански организации реагираме на нетранспарентноста на процесот во кој се подготвуваше Законот, отсуството на консултации и вклученост на граѓанските организации и стручната јавност а што директно влијае на создавање недоверба во понатамошното функционирање на СЈО. Гледано во целина, не беше обезбедено учество на граѓанските организации во работната група која ги подготвуваше измените на законите од кривичноправната област. Дополнително, верзијата од Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за Јавното обвинителство, која беше усвоена од Владата, се разликува од верзијата на работната група, а која ни беше презентирана преку Советот за следење на реформите во правосудството“, истакнаа граѓанските организации.

Министерството за правда продолжува со консултациите со политичките партии за Законот за јавното обвинителство

Анализа за трансформацијата на СЈО и проблемот со неговата уставност

Министерство за правда: Законот за јавното обвинителство е закон без скриена амнестија

Граѓанските организации бараат повлекување на Предлог-законот за јавното обвинителство

Јавниот обвинител на СЈО за својата работа ќе одговара пред републичкиот  јавен обвинител

Детално образложение на Законот за јавното обвинителство, во кој е уреден и статусот на СЈО

Новините во предложените измени на Законот за Советот на јавните обвинители

Детално образложение на Законот за јавното обвинителство, во кој е уреден и статусот на СЈО

СЈО да биде дел од ЈО, со посебна автономија

Јовески: Да постои единствен закон за Јавно обвинителство, во кој би се вклопил и Законот за СЈО

Објавен текстот на Предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство – се предвидуваат нови надлежности на СЈО

Министерството за правда подготвува Закон за Специјалното јавно обвинителство

М.В