/ Прочитано:

1.503

Граѓанските организации реагираат за измените на Законот за јавните претпријатија

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС), Центарот за управување со промени (ЦУП) и Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) реагираат против измените на Законот за јавни претпријатија.

„Со измената се предвидува нова функција заменик-директор. Бараме повлекување на предлог измената на Законот за јавни претпријатија. Измените на закон од ваков карактер е потребно да бидат поткрепени со сеопфатна анализа која навистина ќе ја докаже потребата од ваква функција. Предлогот кој е на дневен ред во Собранието не содржи соодветна анализа.

Логиката на ваквата промена е погрешна. Имено, постоечките критериуми за избор на директор, а сега и заменик-директор на јавно претпријатие, се ниски и овозможуваат вработување на раководство кое не неопходно има повисоко искуство од постоечките вработени.

Според важечкиот закон, во кој директорот, во негово отсуство назначува вработен како замена, значи поголема шанса некој со поголемо искуство да раководи со претпријатието.

Постои системски недостиг на транспарентност при изборот на директори што дополнително ги зајакнува ризиците од политички клиентелизам.

Oваа иницијатива во целост се коси со заложбите за реорганизација и рационализација на големината на јавниот сектор, која ја најавува Владата на РМ.

Финансиските импликации за воведување на вакви позиции може да се претпостави дека би изнесувале околу 2 милиони евра годишно на товар на граѓаните на РМ, ако се земе предвид дека во државата постојат 129 јавни претпријатија“, се посочува во соопштението на невладините организации.

Од податоците кои се јавно достапни,  додаваат организациите, во 22 од овие 129 јавни претпријатија има помалку од 10 вработени. Ако се земе предвид дека сите овие јавни претпријатија покрај директор имаат и управен и надзорен одбор, тоа значи дека поголем е бројот на избрани и именувани лица од бројот на вработени кои се носители на дејноста. И сега наместо да се направи рационализација, односно да се намалат бројот на функции, се воведува нова дополнителна функција. Сите овие податоци наведуваат на заклучок дека предлогот за воведување на дополнителна функција во јавните претпријатија е нерационален.

„Доколку пак се анализира рентабилноста на јавните претпријатија, квалитетот на услугите кои ги даваат, задоволството на граѓаните од овие услуги, начинот и постапката на избор на членови на управни и надзорни одбори, како и квалитетот на нивната работа, се доаѓа до заклучок дека е нужно да се пристапи кон квалитативно и системско решавање на проблемите со јавните претпријатија, а не да се воведуваат дополнителни функции.

Поради сето претходно наведено, ги повикуваме политичките партии, и пратениците да посветат поголемо внимание на анализи и креирање на политики и закони врз база на докази.

Произволните предлози, без поткрепа, и консултација со засегнатите страни кои ја истражуваат материјата, не се во интерес на Република Македонија.

Истовремено, ги повикуваме пратениците да посветат внимание на надзорот врз работата на јавните претпријатија, врз критериумите според кои се бира раководството, и врз перформансот. Овие претпријатија располагаат со значителни финансиски средства, а нивната улога ги засега граѓаните во секојдневниот живот.

Воедно, ги повикуваме пратениците да престанат да ја користат скратената постапка за да избегнат анализа, дебата и инклузивен процес кој вклучува други засегнати страни, при носењето на законите“, се истакнуваат од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС), Центарот за управување со промени (ЦУП) и Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Кон средината на овој месец група пратеници во Собранието поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, по скратена постапка.

„Со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија ќе се уреди замена на органот кој раководи со работата на јавното претпријатие директорот односно во негово отсуство наместо постојното законско решение да се определи вработен кој во негово отсуство го заменува и го води тековното работење на јавното претпријатие тоа да биде заменик на директорот кој ќе биде избран и разрешен од Управниот одбор под исти услови регулирани во законот кои важат за директорот“, се наведува во законското образложение.

Ќе се менува Законот за јавните претпријатија во врска со нивното раководење

М.В