/ Прочитано:

1.249

Граѓанските организации со предлози за итните демократски реформи

Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули годинава, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.

Како што информираат од Институтот за демократија, планот има за цел да даде поттик, насоки и детални активности неопходни за враќање на демократските стандарди и вредности, како и за постигнување напредок во јавните политики и враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции.

Областите на јавни политики разработени во документот се: јавни финансии и економија, правосудство, борба против корупцијата, избори и изборен систем, јавна администрација, контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање, Собрание, граѓанско општество, социјална заштита, благосостојба и одржливост, образование и младински политики, животна средина, енергетика, култура и здравство.

Граѓанските организации предлагаат формирање Консултативен совет за имплементација на клучните реформски приоритети на владино ниво, со кој ќе претседава претседателот на Владата и кој ќе се состои од претставници на надлежните министерства и граѓанското општество. Се предлага и назначување лица за контакт во министерствата и независните, надзорните и регулаторните тела кои ќе бидат одговорни за клучните реформски приоритети и кои исто така ќе бидат задолжени за соработка со тематските групи на граѓанското општество, како и со надлежните собраниски тела за да одржуваат месечни јавни расправи.

Претставниците на иницијативата истакнаа дека во текот на целиот процес Владата треба да ги почитува принципите на транспарентност, одговорност, вклучување и ефективност.

Според нив, неопходно е политичките партии во Собранието на РМ да покажат вистинска посветеност за спроведување на клучните реформски приоритети. Исто така, како неопходно се посочува и преземените мерки да бидат насочени кон подобрување на социјалната кохезија на граѓаните и на сите етнички заедници.

Граѓанските организации кои учествуваа во подготовката на овој документ ќе се заложат и ќе придонесат во натамошната дискусија за начините на вклучување на граѓанското општество во процесот. Според нив, од клучна важност е граѓанскиот сектор да биде вклучен во процесот на проценка на сегашната ситуација, како и во мониторингот и евалуацијата на напредокот во спроведувањето на клучните реформски приоритети.