/ Прочитано:

1.837

ГРАЃАНСТВОТО И КРИВИЧАРИТЕ ВО ОДБРАНА НА ДЕДО ЉУБЕ: Само слобода може да ја задоволи правдата!

Ова не е обичен случај од секојдневието, туку треба да биде преседан бидејќи на пиедесталот на домот нема друг интерес што може да го замени, ниту пак воздржување кон оние што ќе посегнат по вредноста на семејството, вели кумановскиот адвокат Христијан Георгиевски,  кој вчера и официјално доби писмено овластување од дедо Љубе да го застапува во судскиот процес против него.

Случајот со 75-годишниот Љубомир Митев од кратовското село Којково ги крена македонските граѓани на нозе, а бројот на адвокатите што нудат бесплатна правна помош од ден на ден расте. Граѓаните бараат слобода за Дедо Љубе и велат дека само со слобода ќе биде задоволена правдата. Петиции за помилување, јавни апели и барања за промена на кривичното законодавство се само дел од опциите за кои деновиве дискутираат граѓаните и правниците со цел да се пронајде вистинското решение.

„Дедо Љубе е еден прекрасен човек, со големо животно искуство и со поглед  кој покажува и голема љубов и чистина на една срушена душа. Во неговиот скромен дом се гледа дека годините оставиле свој траг преку старите написи од весници, старите војнички слики и ловечките списанија, но во таа трошна куќичка поминале многу генерации и многу поколенија. Низ ѕидовите останува шепотот на детската насмевка од внуци и правнуци“, е впечатокот на адвокатот Георгиевски по вчерашната прва средба со човекот кој многумина го прогласија за херој.

Трагичниот инцидент се случи ноќта на 27 февруари 2013 година, кога во домот на Митеви упаднале Зоран Златков (28) и Борко Иванов (30).   Разбојниците со часови ѕверски  ги малтретирале старецот и неговата неподвижна сопруга, барајќи од нив да им кажат каде се парите. Во моментот кога разбојниците биле во другата соба, дедо Љубе успеал некако да се одврзе и да ја земе старата ловечка пушка, наследство од неговиот татко. Враќајќи се назад бил пресретнат од Златанов кој, како што се наведува во обвинението, со моторна пила се упатил кон него. Во тој момент испукал неколку куршуми од пушката при што го усмртил Златков, а Иванов, кој бил ранет, успеал да побегне.

Старецот пред неколку дена седна на обвинителната клупа,  но по час и половина пешачење од непристапното осоговско село,  рочиштето се одложи за два месеца бидејќи во Судот во Куманово тој пристигна без бранител, а не го примил ниту обвинението. Обвинителството го товари за три кривични делa: убиство на миг од чл. 125 од КЗ, убиство во обид од член 123 од КЗ, а во врска со чл. 19 од КЗ, и неовластено држење на оружје од член 396 од КЗ. Процесот, кој ќе се води по стариот Закон за кривичната постапка, започнува по две години бидејќи долго се чекало за вештачењето на оружјето од страна на МВР.

„Овластувањата на Јавното обвинителство со себе носат и права и одговорности и понекогаш самото обвинение од почетокот може повеќе пати да се менува, да се надополнува или делумно да отпадне во текот на постапката, во зависност од изведените докази. Јас верувам во институциите на системот и имам целосна верба и во Обвинителството и во Судот дека ќе имаат конструктивен пристап кон обвинетиот – дедо Љубе. Треба да имаме предвид дека подигнатото обвинение не значи и донесена пресуда, туку основа за водење на постапка, а не и правосилна судска пресуда. Во рацете на Судот е да се донесе правилна пресуда што ќе ги задоволи и критериумите на правдата и правата и слободите на граѓаните. Одбраната смета дека вака подигнатото обвинение не одговара со битието на извршување ваков вид кривични дела и тоа ќе биде и примарната цел на одбраната да го докаже тоа и во законита судска постапка“, вели Георгиевски.

Одбраната: Неспорно е дека станува збор за нужна одбрана

Според Жарко Стеваноски, адвокат од Прилеп, кој, заедно со Георгиевски, вчера беше ополномоштен од дедо Љубе да биде дел од неговиот адвокатски тим, од страна на застапникот на обвинението не се во целост утврдени фактите и околностите што се битни за правилно утврдување на фактичката состојба.

Наспроти Обвинителството, за одбраната неспорно е дека станува збор за нужна одбрана.

„Во контекст на тоа, ќе биде неопходно да се изврши дополнување на веќе извршеното вештачење на околностите кои би ја утврдиле состојбата на обвинетиот во моментот на извршување на делото, неговата намера на поинаков начин да ги спречи штетните последици, како и влијанието на нападот во корелација со интензитетот на одбраната. Морам да потенцирам дека обвинението против обвинетиот е поднесено за две сторени кривични дела „убиство на миг” од кои за едното кривично дело – во обид. Во таа смисла, обвинителниот акт содржи доста противречни наводи кои ѝ одат во прилог на одбраната на обвинетиот и за двете кривични дела. Во конкретниот случај, врз основа на дополнителното невропсихијатриско вештачење со сигурност би се утврдило дали во конкретниот случај би можел да се примени институтот „крајна нужда“ или „нужна одбрана“ од што би зависело постоењето на кривична одговорност кај обвинетиот и за двете кривични дела кои му се ставаат на товар. Од вака поднесеното обвинение е неспорно дека станува збор за нужна одбрана, но во текот на понатамошната постапка преку изведување дополнителни докази ќе се утврди евентуалното постоење на крајна нужда како институт кој во целост ја отстранува кривичната одговорност на обвинетиот“, истакнува Стеванов.

Младиот адвокат Јанаки Митровски од Скопје, кој исто така ќе биде дел од одбраната, вели дека е за поздрав инцијативата на граѓаните да му се помогне на дедо Љубе.

„Да бевме нормална држава, каква што одамна не сме, дедо Љубе ќе одговараше ЕВЕНТУАЛНО само за недозволено држење на оружје, но и тоа е знак прашалник. Разбојниците не само што сториле кривично дело, за кое се и судени за разбојништво, туку сториле и кривично дело – нарушување на неповредливост на домот, казниво по член 145 од КЗ. За жал, ова кривично дело се гони по приватна кривична тужба,  а рокот за тоа измина. Секако дека одбраната би ја насочиле кон тоа да се применат двата институти од КЗ што дозволуваат легална употреба на сила“, коментира тој.

Минорен процентот на докажана нужна одбрана

 И други адвокати убедени во невиноста на дедо Љубе понудија бесплатна правна помош,  една од нив е скопската адвокатка Иванка Јакимовска.

„Про боно се ставам на располагање на страната на одбраната на Дедо Љубе затоа што верувам дека единствена норма што би можела да биде супсимирана под оваа фактичка состојба е чл. 9 од КЗ, односно се работи за нужна одбрана. Тоа е институт што ја исклучува противправноста на делото, а доколку недостига противправноста, како еден од елементите на казненото дело, воопшто не станува збор за казнено дело. КЗ е прецизен во чл. 9. став 1 кога вели дека не е кривично дело она дело што е сторено во нужна одбрана. Тука имаме и сообразност на дејствието на Дедо Љубе со став 2 од истиот член бидејќи тој отстранува истовремен противправен напад како од себе така и од својата сопруга. Во овој настан имаме кумулација, а за словото на законот е доволна алтернација (или-или). Сметам дека доколку Судот утврди дека се пречекорени границите на нужна одбрана, во игра треба да влезе вториот дел од ст. 3 на чл. 9 кој вели дека сторителот што ја пречекорил границата на нужна одбрана поради силна раздразнетост или уплав предизвикан со нападот може и да се ослободи од казна. Имајќи ги предвид  лиферуваните информации за настанот, дека тие биле измачувани и малтретирани, не постои поголема раздразнетост и уплав од тоа. Впрочем обајцата се наоѓале во состојба на непресметливост, не по своја вина! Дури сопругата на Дедо Љубе по трагичниот настан ги изгубила своите вокални способности за комуницирање. Сметам дека е престрог самиот чин на подигање на обвинение за убиство на миг од чл. 125 од КЗ, убиство во обид од член 123 од КЗ, а во врска со чл. 19 од КЗ, и неовластено држење на оружје од член 396 од КЗ. Доколку во оваа ситуација не следува откажување од гонење од страна на обвинител, во согласност со начелото на мутабилитет, во тој случај единствен начин за да биде задоволена правдата е ослободителна пресуда од страна на Судот“, вели таа.

Дваесетгодишното искуство на Јакимовска забележува дека случаите на нужна одбрана се честа појава во македонското кривично правосудство и практика, меѓутоа процентот на докажана нужна одбрана е минорен.

„Не верувам дека е повеќе од 5 до 10%. А и од тие докажани случаи на нужна одбрана најчесто се квалификува под став 3 од член 9, како пречекорување на границите на нужна одбрана, и се применуваат одредбите за ублажување на казната или евентуално ослободување од казна“, посочува таа.

Системот на лична самоодбрана не е доволно разработен

Претседателката на Коалицијата сите за правично судење, д-р Мирјана Иванова-Бојаџиевска, се согласува дека станува збор за – како што вели – „школски пример на нужна одбрана“.

„Според дадените податоци тој реагирал истовремено, одбивајќи од себе и од сопругата реален противправен напад од двајца млади сторители, крајно исплашен“, појаснува таа.

Ивановска-Бојаџиевска, која истовремено врши адвокатска дејност и која се вбројува во оние што ја понудија својата правна  помош, смета дека системот на лична самоодбрана во Македонија не е доволно разработен

„Лично сметам дека системот на лична самоодбрана не е доволно разработен, па во практика при вакви случаи најчесто се оди преку изрекување на поблага казна на основниот вид на кривичното дело убиство. При тоа, не се прави посебна анализа на субјективната состојба на раздразнетост на сторителот предизвикана исклучиво од жртвата со тешко навредување или напад. Кај убиство на миг афектот е посебна психичка состојба кај сторителот, стеснета е неговата свест и со тоа намалена е способноста за реално расудување и создава бес, лутина и ненадејна реакција. Кај нужната одбрана се работи за траење на вербален и реален напад кој трае и во моментот на дејствување на сторителот со дејствија преземени со цел да го отстрани тој истовремен противправен напад од жртвата“, потцртува Иванова-Бојаџиевска.

 Проф. др Гордана Бужаровска: Се работи за нужна одбрана

За професорката Гордана Бужаровска, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, јасно е дека во случајот со Дедо Љубе се работи за нужна одбрана.

„Од она што може да се види, евидентно е дека се работи за случај на нужна одбрана, што првенствено се заклучува од фактот дека нема временска дистанца меѓу нападот и одбраната, односно постои истовременост на нападот и одбраната“ вели Бужаровска, објаснувајќи дека за нужната одбрана секогаш мора да се стави акцент на истовременоста на нападот врз лицето и на негова одбрана од нападот.

Професорката посочува дека се работи за сериозен напад, а лицата што го нападнале Митев биле физички посилни, што ја објаснува реакцијата на Дедо Љубе, кој бил во состојба на  интензивен страв.

„Митев и неговата сопруга биле физички нападнати и мачени,  а тоа може да се види и од трагите од насилство врз дедото и неговата сопруга. Значи, реално тој бил под страв и природно е да реагира во насока на заштита на својот живот и животот на својата сопруга. Тоа е состојба којашто психолозите ја нарекуваат примарен страв, кога лицето се брани за да се заштити од реалната опасност. Оттука, најважно е да се нагласи од кривичноправен аспект дека постои истовременост на нападот и одбраната, но постои и сериозност на нападот и тука не може да се бара идентитет на средствата“,  појаснува Бужаровска.

Таа додава и дека во однос на оружјето не треба да се занемари фактот дека Митев е во поодминати години, дека е жител на рурално место и дека прашање е и колку бил запознаен со потребата за легализација.

Професорката образложува дека во согласност со постапката, Обвинителството во овој случај, а во согласност со начелото на легалитет, морало да гони бидејќи постојат и жртви, но и сомнение за нелегално поседување на оружје, додека пак за постоењето на нужната одбрана одлучува Судот.

Ослободувањето од кривично гонење е одлична идеја

Бужаровска смета дека судскиот процес ќе заврши во полза на дедо Љубе и дека Судот ќе ги земе предвид сите факти на кои ќе ја темели својата одлука. Таа додава дека во овој случај Обвинителството не може да се откаже од кривичното гонење, но потенцира дека ослободувањето од кривичното гонење од страна на Претседателот на Република Македонија е можна опција и како што подвлекува: „одлична идеја“.

„Помилувањето, односно ослободувањето од кривично гонење, може да се направи во секој стадиум на кривичната постапка и мислам дека се работи за одлична идеја“, потенцира професорката Бужаровска.

 Во Кратово нема ниту еден адвокат – Кратовскиот суд бара поголема надлежност

При ланската посета на Академик на Кратовскиот суд дефицитот на адвокати, но и одземената надлежност за сметка на Кумановскиот суд беа посочени како проблем. Тогаш претседателката на Основниот суд во Кратово, Ружица Здравковска, рече дека жителите на ова подрачје, посебно од планинските села, за да завршат некоја судска работа мора да одат во Судот во Куманово, што за нив е товар и од материјален и од физички аспект.

„Нема ниту еден адвокат во Кратово. А зошто е тоа така, можете да претпоставите. Но, ве уверувам дека има решение за да се подобри состојбата на Судот во Кратово. Ние сме суд со капацитет, имаме одлична ажурност и простории, но немаме она што најмногу ни треба – поголема надлежност. Тоа е во корист и на граѓаните и на нас и на адвокатите. Сега граѓаните за да завршат некоја судска работа мора да одат во Куманово, на пример, затоа што нам ни била одземена таа надлежност. Не е логично. Овој суд треба да ги има тие надлежности за да може со целосен капацитет да одговори на потребите на граѓаните. Кога тоа би било така, и адвокатурата би имала поинаква перспектива. Дотогаш градот на првиот министер за правда ќе нема ниту еден адвокат“, изјави за Академик судијката Здравковска.


Елена Павловска / Милчо Велјаноски  – akademik@akademik.mk

 Објавено: 02.03.2015