/ Прочитано:

1.254

ГРАНДОМАНИЈА СО ТРАДИЦИЈА: Во САД потрошени 14 милиони долари за рекламирање во кампањите за избор на судии

Врховниот судија треба да биде комбинација од Јустинијан Прима, Исус Христос и Џон Маршал, рекол угледниот американски судија Оливер Вендел Холмс. За волја на вистината, изборот на судиите во Америка, не зависи само од квалитетот на кандидатот. Во духот на американската мегаломанска традиција, изминатава година биле потрошени речиси 14 милиони долари за телевизиско рекламирање во кампањите за избор на судии во врховните судови на државно ниво во САД. Еден од главните виновници за очигледното зголемување на трошењето е надворешна група лобисти, којашто ги застапува интересите на Републиканската партија. Избирањето или назначувањето на судиите во Америка е макотрпен и неизвесен процес: ако не ги предложи американскиот претседател или партијата што ја симпатизираат, поединци се номинираат и самите себеси.

Според најскорашните наоди на непартиската проектна кампања „Загрозена правда“ (Justice at Stake) и на Центарот за правда „Бренан“ при Правниот факултет на Универзитетот во Њујорк (New York University), еден од главните виновници што придонеле за зголемување на трошењето на рекламирање во судиските предизборни кампањи е Републиканскиот комитет за државно лидерство (Republican State Leadership Committee). Се работи за конзервативна политичка група што ги застапува интересите на Републиканската партија во трките за избор на функционери во сојузните држави, подржувајќи ги нејзините кандидати.

Неодамнешен извештај наведува дека 13,8 милиони долари се потрошени за телевизиски реклами за време на кампањите за избор на судии што се одржаа во мај, во август и минатиот вторник (18.11.2014). Надворешни групи, со цел да влијаат врз изборната трка за судии во врховните судови во повеќе држави низ САД, за реклами платиле 4,9 милиони долари. Во 2010 година, за истата намена биле потрошени двојно помалку пари: 2,5 милиони долари. Ако кон ова се додадат и парите вложени од страна на политичките партии, целата сума се искачува на 8,2 милиони долари, што е 2,2 милиони повеќе од пред четири години.

Како судијата во Америка станува „пример за добро однесување“

Тоа што некоја политичка група застанала зад номинацијата на извесен судија не е новина во практиката на избирање судии во Америка. Судиите биле назначувани и во минатото од високите општествени редови, а кандидатите, без исклучок, морале да ѝ припаѓаат на белата раса. Денес, постапките за избор на судии, безмалку, се бесконечни: речиси и не постојат две држави во САД со идентична постапка на избор. Приодите се толку разновидни, што во многу држави се применуваат т.н. „хибридни“ изборни системи, каде што се вградени и традиционални и современи елементи. Сепак, според општата класификација најчесто се прави разлика помеѓу држави што ги ставаат судиите на функција преку непосредно назначување и држави што вршат целесообразна постапка на избор на судии.

Уставот на САД е молчалив во врска со квалификациите што еден судија треба да ги поседува за да стане дел од правосудниот систем. За разлика од подробниот преглед на условите што треба да ги исполнат сенаторите и претставниците во дводомниот Конгрес на САД, највисокиот правен акт на државата не содржи какво било упатство за постапката на назначување или за избирање судии. Единствената насока што ја дава е дека судиите треба да бидат „пример за добро однесување“. Оттаму, изборот на судиите најчесто се врши според традициите што низ историјата ги воспоставувала секоја од државите во САД.

Во основните судови низ САД има повеќе од 600 судии, а во апелационите околу 200 судии. Уставот наведува неколку општи мерила за постапката на номинирање судии. Според уставните одредби, одговорноста за номинирање судии на сојузно ниво, пред сè, во Врховниот суд, ја носи Претседателот на САД, но изборот мора да биде потврден и од Сенатот. Седиштето на Врховниот суд е во Вашнгтон. Него го сочинуваат вкупно девет судии со доживотен мандат. Со оглед на должината и на важноста на нивната функција, одлуките за номинирање врховни судии се во многу погледи негово најважно наследство. Многумина од нив ќе бидат во служба по завршувањето на мандатот на Претседателот што ги предложил.

За да се задржи целисходноста на постапката на назначување судии, Претседателот се потпира на повеќе советодавни страни со кои врши опсежни консултации: Министерството за правда, Федералното истражно биро (ФБИ), членови на Конгресот, судии во служба, Американската адвокатска комора. Во духот на американската традиција, поединци неретко се номинираат и самите себеси. Пред да ги достави предлозите за именување судии, Претседателот мора да земе предвид неколку клучни фактори што ќе имаат сериозен одраз врз изборната одлука: претходното искуство на кандидатот, неговата политичка идеологија, партиската приврзаност и личната доверба, како родот и етничката припадност.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 25.11.2014