/ Прочитано:

2.096

Грантови за унапредување на образовната инклузија на децата Роми

За грантовите имаат право да аплицираат локалните граѓански организации кои имаат искуство во активности кои се однесуваат на инклузија на децата од ромската етничка заедница во формалното образование. Целта на повикот, како што појасни програмскиот менаџер во Ромскиот ресурсен центар, Себихан Демировски, е финансиски да им се помогне на граѓанските организации во Република Македонија кои имаат активности првенствено насочени кон инклузивно образование на Ромите.

До 13 декември е отворен повикот за доделување мали грантови за локални граѓански организации што работат на инклузија на децата Роми во образовниот процес. Повикот е дел од проектот „Градење посилно граѓанско општество за поттикнување на напорите за унапредување на образовната инклузија на Ромите“. Грант-шемата за доделување на грантовите денеска беше претставена од страна на Ромскиот ресурсен центар (РРЦ) од Скопје и Центарот за семејно и детско згрижување од Атина (КМОП), а на настанот беше истакнато дека финалните документи за аплицирање ќе бидат објавени в понеделник на 13 ноември, по што организациите ќе може да се пријавуваат.

Марија Самарџиоска, директорка на Центарот за семејно и детско згрижување од Атина, информираше дека за грантовите имаат право да аплицираат локалните граѓански организации кои имаат искуство во активности кои се однесуваат на инклузија на децата од ромската етничка заедница во формалното образование. Јавниот повик, како што рече, ги запазува европските стандарди.

Целта на повикот, како што појасни програмскиот менаџер во Ромскиот ресурсен центар, Себихан Демировски, е финансиски да им се помогне на граѓанските организации во Република Македонија кои имаат активности првенствено насочени кон инклузивно образование на Ромите.

„Свесни сме дека проблемот доаѓа од нискиот степен на образование кај оваа заедница. Декадата на Ромите и Стратегијата за инклузија на Ромите во Република Македонија имаат конкретни мерки и активности кои се насочени за поддршка на ромската заедница во повеќе области, како образование, домување, вработување, дискриминација, унапредување на статусот на жената Ромка и така натаму. Резултатите се огромни во делот на образованието. Од почетокот на Декадата за инклузија на Ромите од 2005, ако тогаш имало 20-30 студенти, сега можеме да зборуваме за 400 активни студенти кои студираат на некои од универзитетите во Македонија“, појасни Демировски.

За да се обезбеди системско решавање на проблемот со Ромите, како што истакна Демировски, неопходно е да се унапреди соработката меѓу граѓанскиот сектор, институциите и локалните власти.

Вкупната сума за сите грантови е овозможена од Делегацијата на Европската Унија во Македонија и изнесува 50.000 евра. Со овие пари ќе бидат финансирани 10 до 15  проекти, односно од 2.500 до 5.000 евра за проект.

А. Б.