/ Прочитано:

1.250

ГРУЕВСКИ: Не чувствувам вина и немам намера да ја напуштам државата

Тој потенцираше дека не чувствува вина, но очекува тој и неговите соработници и понатаму да бидат повикувани во судот поради апсурдни причини.

grujo 2

„Денеска се појавив во Судот затоа што Катица Јанева изразила сомнеж дека ќе ја напуштам државата, но не знам јас кој верува дека ќе ја напуштам државата.“ Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по завршување на распитот пред судија на претходна постапка каде што беше викнат поради предлозите на Специјалното јавно обвинителство за определување мерки за претпазливост за него, како осомничен во предметот „ТНТ“.

„Како и да е, се гледа дека Специјалното јавно обвинителство прави чекори коишто се нарачани и дека тоа веројатно го посакува нивниот нарачател кој во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови. Веројатно тоа е негова желба да заминам од земјава и да не се појавам, но тоа ниту ќе го сторам, ниту тоа е вистина, ниту, пак, ќе му ја исполнам таа желба“, изјави Груевски.

Зборувајќи за Зоран Заев, лидерот на СДСМ, тој рече дека човекот кој изјави дека не ги признава судовите е свесен  дека не ја добива поддршката од граѓаните, свесен е дека неговиот рејтинг паѓа, а изборите наближуваат и дека нема да може уште долго да ги одолговлекува  и преку контролата која ја има во СЈО да се обиде да ги изрелативизира работите и  преку вакви апсурдни покани во судот да нè прикаже мене и моите соработници слични како него, изјави Груевски.

Тој потенцираше дека не чувствува вина, но очекува тој и неговите соработници и понатаму да бидат повикувани во Судот поради апсурдни причини.

Тој пред судија на претходна постапка беше на распит еден час.

Покрај Груевски, во судот дојде и градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, исто така, осомничен во предметот на СЈО „ТНТ“. По завршување на распитот на Трајковски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, исто така осомничен во предметот, Крвичниот суд ќе соопшти какви решенија донел судијата на претходна постапка во однос на предлозите на СЈО.