Група пратеници предлагаат измени на Законот за учебници за основно и средно образование
Предлог-законот за изменување на Законот за учебници за основно и средно образование, предложен од група пратеници, е на дневен ред на собраниската Комисија за образование, наука и спорт.
Целта на овој закон, се вели во законското образложение, е да се овозможи квалитетен образовен процес на припадниците на националните заедници во Република Северна Македонија. Користењето учебници на мајчин јазик да не биде условен со бројот на отпечатени примероци (тираж), туку учебниците да се печатат според потребите на образовниот процес.
„Потребата од донесување на овој закон е повеќе од оправдана. Имено, во Република Северна Македонија дел од националните заедници не можат да го остварат ова свое уставно гарантирано право на образование на својот мајчин јазик поради непостоењето на можност да поседуваат книги на тој јазик. Посебно специфична е состојбата со учениците од турската националност. Имено, долг период нема испечатено учебници на турски јазик за учениците од основните училишта во Република Северна Македонија. Со тоа директно се оневозможува примената на оваа уставна категорија. Иако досега е на неколку пати побарано образложение од Министерство за образование и наука зошто не се печатат учебници, од таму неофицијално одговараат дека основната причина е малиот тираж во кој треба да се испечатат истите, а со тоа и немало исплатливост во нивното издавање“, се вели во образложението на Предлог-законот.
М.В