/ Прочитано:

1.379

Група пратеници предлагаат во образецот за личната карта да има податок и за етничката припадност

Група пратеници во Собранието поднесоа измени на Законот за личната карта. Со овој Предлог -закон, велат пратениците, предвидуваме во образецот на личната карта покрај другите податоци да биде предвиден и податок за „етничката припадност“ на граѓаните.

„Со Законот за личната карта се утврдува дека личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството на Република Македонија, живеалиштето и адресата на граѓанинот на Република Македонија.

Во членот 5 став 2 од овој закон се утврдуваат податоците кои треба да ги содржи образецот на личната карта, и тоа: презиме и име на граѓанинот; државјанство; пол; датум на раѓање; матичен број на граѓанинот; датум на издавање на личната карта; датум на важење на личната карта; место на раѓање на граѓанинот; живеалиште и адреса на граѓанинот; надлежен орган кој ја издал личната карта;  број на личната карта и потпис на имателот на личната карта.

Од причина што сметаме дека припадниците на етничките заедници  согласно со Уставот на Република Северна Македонија, имаат право да ја искажат својата етничка припадност, предлагаме во членот 5 став 2 покрај другите податоци да биде предвидена и етничката припадност“, се наведува во законското образложение.

М.В