Група пратеници предлагаат законски измени за воведување една изборна единица со отсуство на изборен праг
Група пратеници во Собранието поднесоа измени на Изборниот законик. Со измените кои се предлагаат се предвидува измена на членот 4 од Изборниот законик, така што наместо досегашната поделба на државната територија на шест изборни единици, се оди кон акцептирање на моделот цела државна територија – една изборна единица.
Евидентно е дека во последнава деценија, се вели во законското образложение, македонскиот политички систем премина од повеќепартиски систем кон биполарен систем, во кој две главни политички опции ја делат власта.
Со предвидените законски решенија се овозможува надминување на бројните негативни реперкусии во однос на демократските процеси на државата, и тоа по пат на редизајнирање на постојниот изборен модел, чијашто примена во битна мера ќе придонесе за редуцирање на можностите за кршење на изборните правила, а пак составот на законодавниот дом ќе претставува реален одраз на волјата на граѓаните.
„Илузорно е да се верува дека постојниот систем, со неговите варијабли и недоследности, претставува некаков совршен модел кој не треба да подлежи на натамошни измени. Оваа идеја во последниов период доби на значење, како на домашно така и на компаративно ниво.
Главна критична точка на домашното политичко тло претставува определбата за поделба на територијата на државата на повеќе изборни единици, коешто решение во видна мера води кон бипартизација, опстојување на вграден биполарен систем, во кој две главни политички опции ја делат власта.
Еден од најбезболните начини за враќање кон политичкиот плурализам е токму оној кој налага натамошна ревизија на одредбите од Изборниот законик, така што целата државна територија би се обликувала во една изборна единица со отсуство на изборен праг, овозможувајќи им и на помалите политички партии, како и на партиите на помалите етнички заедници да го остварат своето право на претставување.
Во актуелната поставеност на системот, нивните гласови се поделени во шест изборни единици и во ниту една од нив тие не успеваат да соберат доволно за да добијат пратеник“, се посочува, меѓу другото, во законското образложение.
М.В