/Прочитано:

574

Групацијата на пазари бара да се одложи примената на Законот за трговија на зелени пазари

Групацијата на пазари во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија бара да се одложи примената на Законот за трговија на зелени пазари за да не се случи повеќе од 6.000 закупци на тезги да останат надвор од зелените пазари од почетокот на 2019 година.

За таа цел доставен е и официјален допис до министерот за економија, Крешник Бектеши, со кој се посочува дека постои потреба за ревидирање на одредени одредби од Законот за трговија на зелени пазари, како и на Правилникот за формата и содржината на легитимацијата, информираше на денешната прес-конференција Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Групацијата на пазарите при Комората, како што беше речено на денешната прес-конференција, со Законот за трговија на зелените пазари во голема мера ги дефинира правата и обврските како на закупците, така и на уредувањето на односите со организаторите на пазарите.

Но во делот на одредбите со кои одредени категории на лица се исклучени од можноста да се јават како трговци на пазарите, како и на одредбите со кои се уредува т.н. коморски систем, Групацијата смета дека е неопходно да се ревидираат одредени одредби од Законот и од Правилникот со цел да се овозможи непречено вршење на дејноста од страна на организаторите на зелени пазари и спречување на ефекти кои се спротивни на интенцијата за донесување на овој закон.

Во согласност со дописот доставен до Министерството за економија, со кој се бара и итна работна средба со министерот Бектеши, се посочува дека има потреба од ревидирање на 5 члена во Законот, и тоа:
да се прошират категориите на лица кои може да закупуваат тезги на трговци поединци; лица кои остваруваат приход по основ на пензија; лица кои остваруваат приход по основ на работен однос; лица кои остваруваат приход по основ договор за дело.

Во спротивно ќе се намали за најмалку 30% вкупниот број на трговци на тезги и пазари. Нивното исклучување од дејноста, покрај загуби за трговците, би предизвикало големи загуби и за организаторите и би довело до намалување на нивните приходи по основ на закупнина, испразнување на тезгите и дополнителни трошоци, а со тоа и до тешкотии во работењето и намалување на бројот на работните места кај организаторите. Дополнително, наведеното би довело и до намалување на приходите на државата по основ на даноци, поради што според Групацијата државата треба да им дозволи на овие лица да го остварат правото на вршење на дејноста и да изнајде механизми да ги внесе во системот на оданочување. Ограничувањата би можеле да предизвикаат и зголемување на „сивата“ економија преку трговија на нерегистрирани продажни места што е спротивно на интенцијата на законодавецот за регулирање на трговијата на зелените пазари.

Исто така, се бара од Правилникот за формата и содржината на легитимацијата, зборовите „број на тезга” да се бришат бидејќи е невозможно Комората на закупци да навлегува во деловните односи на организаторите со закупците.

Групацијата на пазарите бара и да се преиспитаат одредбите со кои се уредува коморскиот систем на закупците на тезги, со прашање како ќе постапи надлежното Министерство во случај кога повеќе субјекти ги исполнуваат условите од Законот за да се стекнат со правото да вршат јавни овластувања и истовремено да поднесат барање за добивање овластување до Министерството.

Последните два предлога за измена на Законот со кои се бара одложување на примената се однесуваат на пренесување на правото на користење на лиценцата во одредени објективни ситуации, како и на можноста со една лиценца да се закупат повеќе тезги.

„Во таа насока, посочените недоречености на Законот, недоволната подготвеност и информираност на трговците за обврските кои за нив произлегуваат од овој закон, како и дека подзаконските акти за неговото спроведување беа донесени со задоцнување, односно беа донесени во рок од 8 месеци по влегувањето на Законот во сила, наместо во рок од три месеци, како што е предвидено со преодните и завршните одредби, Групацијата смета дека е неопходно примената на Законот да се одложи во разумен рок, во кој ќе бидат ревидирани спорните одредби и ќе бидат разгледани нејзините предлози“, – констатираше Михајловска-Василевска од Комората.

На зелените пазари, информираат од Стопанската комора,  сега тргуваат повеќе од 20.000 закупци на тезги.

Измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување на седница на Законодавно-правната комисија

Законските измени за пензионирањето на рударите и за осигурувањето на трговците на зелени пазари во собраниска процедура

Трговците на зелени пазари ќе имаат легитимации кои ќе ги издава Комората на трговци

М.В