/ Прочитано:

2.948

ГУСТАВ РАДБРУХ: Не е секој закон право – неправедниот закон е законско неправо!

Густав Радбрух (1878-1949) е еден од најпознатите и највлијателни светски и германски правни теоретичари и филозофи. Бил професор по кривично право и по филозофија на право на Универзитетот во Хајделберг, а бил и германски министер за правда. Пред Втората светска  војна Радбрух е приврзаник на правниот позитивизам, но согледувајќи како нацистите го злоупотребувале позитивизмот за покорност на луѓето во смисла на тоа дека законот е закон и мора да се почитува, тој активно се посветува на стојалиштето дека правдата и моралот се нераскинливи елементи за исполнување на целите на правото, а народот  и правниците  не им должат послушност на неправедните закони.

Потрага по праведното во законите како законско право

Како правник со маестрален стил на пишување, критичка правна мисла и аргументирање, но и како сведок на настаните од Втората светска војна, Радбрух зад себе остави творештво кое не само што е своевиден крик на личноста и потрага по правда, туку е и задолжително четиво со исклучителна правно-филозофска вредност за погледот кон правото и во постмодернистичка смисла. Радбруховата теорија на законското неправо и надзаконското право го искажува односот меѓу позитивното и природното право изградено како синтеза, но и како правно-културолошка „тензичност“ низ историјата на правото.

Во времето во кое живеел Радбрух позитивното и природното право низ практичниот момент ги изразиле своите теоретски контрасти, што најдобро се согледува и преку неговите текстови, низ кои, како сведок на законските неправди во Втората светска војна и вознемирен од „законското неправо“ на нацистичките закони, ќе го крене својот глас против позитивното право, а во име на начелата на, како што вели, разумното право.

„Радбрух е значаен теоретичар и реформатор на казненото право, политичар кој дал важен придонес кон подигнувањето на прагот на политичката толеранција и подигнување на рамништето на политичката култура во својата земја. Во неговото извонредно значење одвај може да има сериозен сомнеж. Од друга страна, привлечноста на Радбрух во доменот на јуриспруденцијата се должи на класичната убавина и естетска одмереност на неговиот стил и длабоката и зрела мудрост што го проникнува целото негово творештво“, пишува професорот Ѓорѓи Марјановиќ за Радбрух и неговата „Филозофија на правото“.

Правото е културна појава

Густав Радбрух останува запаметен како правен филозоф кој му даде на правото и поинаков, суштински аспект за неговото суштествување како културен поим, во што може да се согледа и „класичната убавина на неговиот стил“.

Имeно, како што пишува Радбрух во „Филозофија на правото“, правото може да се разбере само во рамките на став што се однесува на вредноста. Правото е културна појава, т.е. факт поврзан со вредноста. За правото е важна идејата и за да се разбере, потребно е да се сфати неговата идеја. И затоа поимот на правото не може да се определи поинаку одошто како даденост која има за цел да ја оствари идејата за правото. Правото може да стане неправда, но тоа е право само затоа што неговата смисла е да биде праведно.

Според Радбрух, постојат правни принципи кои се посилни од која било правна норма, така што еден закон, кој им противречи ним, е празен во својата важност. Тие принципи се нарекуваат природно право или право на разумот. Правото е волја за правда, а тоа значи да се суди без оглед на личноста, а доколку се слави убивањето на политичките противници или кога се убиваат други раси луѓе – тоа е неправо, односно тоа е законско неправо.Позитивизмот сфатен како спроведување на законот, затоа што е закон, ја губи смислата и целта на законот бидејќи кога законите ја негираат волјата за правда, тогаш тие закони се без важност и правниците треба да го оспорат карактерот на тие закони како право. Таков е примерот со фашистичките закони. Законското неправо, каков што е случајот со посочените закони, не може во себе да ја апсолвира вредноста на правдата и со тоа да ја исполни целта на законите.

Народот не им должи послушност на законите кои свесно ја негираат волјата за правда

„Кога законите свесно ја негираат волјата за правда, кога на луѓето, на пример, произволно им се одобруваат или им се одрекуваат човечки права, тогаш тие закони се без важност, тогаш народот не им должи послушност, тогаш и правниците мора да соберат храброст да им го оспорат карактерот на право“, нагласува Радбрух.

Радбрух разликува две состојби на праведност – праведност во субјективна смисла и објективна праведност, и првата е насочена кон втората во однос на барањето на вистината. Но, правдата ја определува само формата на правото, додека, пак, за содржината неопходна е целесообразноста.

„Секако, човечката несовршеност не дозволува секогаш хармонично да се обединат сите три вредности на правото: општата корист, правната сигурност и правдата, па тогаш не преостанува ништо друго освен да се процени дали сепак да му се признае важност на лошиот, штетниот или неправедниот закон заради правната сигурност, или да му се откаже важноста поради неговата неправедност или општа штетност. Меѓутоа ова мора да се всади длабоко во свеста на народот и на правниците. Може да има закони со толкава мера на неправедност и општа штетност, што ним мора да им се одрече важноста, па дури и карактер на право“, вели Радбрух.

Германскиот правен филозоф посочува дека има начела што се посилни од правните прописи и тие начела се нарекуваат природно и разумско право, а на суштината на разумот и на моралноста им е својствено да не можат да бидат резултат од правната принуда, туку само дело и резултат на слободата.

Правната држава е  воздухот што го дишеме

Радбрух укажува дека позитивизмот не е во состојба да го образложи важењето на законите затоа што целта е творецот на сето право, додека пак начелото на судската независност подразбира дека правниот и државниот поредок не се идентични туку правото настапува наспроти државата бидејќи правото си има свои законитости. Според Радбрух, независноста на судијата претставува одлика на правната култура, имено на општата култура на една заедница, но и на правната држава, бидејќи за „правникот државата суштествува само доколку се изразува преку законот и онака како што се изразува преку него – не како социјална моќ, не како историска творба, туку само како творец и заеднички именител на своите закони“.

„Правната држава е нашиот леб, водата што ја пиеме, воздухот што го дишеме!“, заклучува Радбрух.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

11.6.2015