/ Прочитано:

840

Хаг ги ослободи Станишиќ и Симатовиќ од обвиненијата за воени злосторства

Среда, 30 мај 2013 – Хашкиот трибунал денеска ги ослободи поранешните шефови на Државната безбедност на Србија Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

Станишиќ и  Симатовиќ се ослободени по сите точки од обвинението.  Судијата Алфонс Ори нареди нивно итно пуштање од затвор, бидејки за овие поранешни соработници на Слободан Милошевиќ не било докажано обвинението дека планирале и наредувале воени злосторства чија цел била елиминирање на поголемиот број Хрвати и Бошњаци од делови од Хрватска и од БиХ од 1991 до 1995 година.

Коментирајќи ги обвиненијата со кои се тврди дека Станишиќ и Симатовиќ ги помагале злосторствата извршени од страна на српските паравоени единици познати како “Шкорпиони“ и “ Тигрите на Аркан“, судиите изјавија дека обвинетите имале само „слаби врски со овие групи“.

Адвокатот на Станишиќ, Вејн Јордаш, изјави дека неговиот клиент бил „во шок од среќа“ и дека Хашкиот трибунал ја „потврдил својата способност да донесе правда“.

Поранешните двајца високи функционери на српската државна безбедност беа уапсени во март 2003 година во рамки на акцијата „Сабја“ по што му беа испорачани на Хашкиот трибунал.

Пресудата не е правосилна, па се очекува да биде обжалена.