/ Прочитано:

943

Хашката одлука за Тарчуловски според законските процедури ќе се држи во тајност се додека одлуката не влезе во сила

Петок, 15 март 2013 – Додека македонската јавност нетрпеливо чека на исходот од барањето за предвремено ослободување на Јохан Тарчуловски, од Хашкиот трибунал ги објаснуваат законските процедури  при носењето на одлуката. Протоколите му налагаат на Трибуналот да не дава информации за текот на постапката. Доколку биде ослободен поради безбедносни причини одлуката ќе биде соопштена неколку дена подоцна, информираат од Хашкиот трибунал за македонските медиуми. 

Доколку претседателот на Трибуналот позитивно се произнесе по барањето, одлуката ќе биде јавно соопштена дури откако Тарчуловски ќе биде пуштен од затвор. Тајноста на оваа информација е пред се поради безбедносни причини, а го опфаќа и адвокатскиот тим на Тарчуловски, од Хашкиот трибунал за „Вечер“ ги објаснуваат процедурите додека македонската јавност нетрпеливо чека на одлуката.

Во меѓу време неговата сопруга Соња Тарчуловска е спремна преку видео запис да му посака „добредојде“.

Процедурата за предвремено ослободување на Тарчуловски почна уште кон крајот на минатата година, кога неговиот адвокатски тим ја состави комплетната документација со барањето и ја достави до затворската Управа во Диез, Германија каде Тарчуловски ја издржува казната што му ја досуди Хашкиот трибунал.  Оттаму барањето, пореку германското Министерство за правда, беше испратено во  Хаг, кој како последна инстанца одлучува дали некој осуденик ќе биде ослободен. Според процедурата таму прво треба да се произнесе Обвинителството, а потоа и претседателството на Трибуналот. Во досегашната пракса во работењето на судот, на повеќето осуденици кои откако ја исполнија законската норма, односно издржаа две третини од досудената казна, позитивно им беше одговорено на барањето за предвремено ослободување.

Пред десетина дена Јохан Тарчуловски преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук и се обрати на јавноста порачувајќи дека конечно докажал дека не сторил никакво кривични дело насочено против цивили за што беше обвинет и осуден. 

Обраќањето на Тарчуловски ви го пренесуваме во неговата интегрална форма >>

„Сакам да се заблагодарам што ми беше дадена прилика мене и на мојот адвокатски тим да покажеме и докажеме дека не сум сторил никакво кривично дело, кое е насочено против цивили или цивилни објекти. На почетокот незаконски и непотребно бев уапсен и се сомневав дека ке добијам фер и праведно судење. Сакам да порачам до моите најблиски дека нивната подршка и љубов за мене е моето најголемо духовно богатство. Се во животот се случува поради некоја причина . Не мислам дека овие години поминати во притвор се изгубени за мене, научив многу вистини овде, научив да не брзам, да бидам трпелив и да го ценам она што го имам. Со проширувањето на мојата фамилија мојот живот доби сосема поинаков смисол. Трагично а и сосема непотребно е тоа што се случи во 2001 година во македонија. Трагично и жално е што некои болни умови преку изведување на терористички напади и убиства на цивили, војници и полицајци се бореа за политички функции. Чесен суде, ние Македонците сме мирен народ, секогаш и на секого сме спремни да му помогнеме кога му е најтешко, ниту еден Македонец не го посакуваше тоа што се случи во 2001 година. Но никаде и во ниедна земја во светот, никој нема да одобри и подржи терористички акции.  СВЕТА ДОЛЖНОСТ Е НА СЕКОЈ ЧОВЕК ДА ЈА БРАНИ СВОЈАТА ТАТКОВИНА. П.С. Завршни зборови од првостепената пресуда, август 2008 година“.