/ Прочитано:

937

Хашкиот обвинител Брамерц: Можна е ревизија на ослободителната пресуда за Готовина и Маркач ако се појават нови докази

Вторник, 29 јануари 2013 – Главниот хашки обвинител Серж Брамерц изјавил дека постои „теоретска“ можност за ревизија на ослободителната пресуда на хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, но потребни се нови докази. 

„Потребно е да постојат нови докази кои никогаш порани не се изведени. Значи тоа е теоретска можност, но веројатноста не е голема бидејќи во моментов немаме нови докази“, изјавил хашкиот обвинител Серж Брамец за „Танјуг“.

Тој дополнил дека во иднина ќе се среќава со српските жртви од Босна и Херцеговина (БиХ) односно со семејствата на жртвите од војната. Појаснил дека во неколку наврати во БиХ се сретнал само со семејствата на жртвите од босанска националност бидејќи тоа било позврзано со судењето на српските генерали Ратко Младиќ, Радован Караџиќ и Горан Хаџиќ. Според него хашкото обвинителство ги признава воените злосторства од сите страни и во иднина ќе се среќава со сите жртви без разлика на нивната националност.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун во изминатиов декември побара од хашкото обвинителство да ја разгледа жалбата што ја поднесоа семејствата на српските жртви кои обвинија за дискриминација од страна на обвинителот Серж Брамерц. Во жалбата стоело дека тој при секоја посета на БиХ се среќава само со семејствата на босанските жртви, но не и на српските.