/ Прочитано:

1.275

Хашкиот трибунал го осуди Ратко Младиќ на казна доживотен затвор

Поранешниот генерал и воен командант на Војската на Република Српска (ВСР), Ратко Младиќ е осуден на казна доживотен затвор од страна на Хашкиот трибунал. Младиќ е виновен по 10 од вкупно 11 точки од обвинението, чие резиме денеска во судницата во Хашкиот трибунал го читаше претседателот на Судскиот совет, судијата Алфонс Ори. Судскиот совет утврдил дека Младиќ не е виновен само по првата точка од обвинението, односно за геноцид во шест општини во Босна и Херцеговина, односно во Фоча, Кључ, Котор-Варош, Приедор, Сански Мост и Власеница. Но, тој е прогласен за виновен за геноцид во Сребреница, за злосторства против човештвото, терор врз несрпското население, прогон, депортација, присилно иселување на населението, противправни напади на цивили, земање заложници и кршење на законите за време на војната во Босна и Херцеговина.

Меѓународниот суд во Хаг за воени злосторства на територијата на поранешна Југославија денеска му изрече првостепена пресуда на генералот и воен командант на Војската на Република Српска (ВСР), Ратко Младиќ – тој е осуден на доживотен затвор. Младиќ е виновен по 10 од вкупно 11 точки од обвинението, чие резиме денеска во судницата во Хашкиот трибунал го читаше претседателот на Судскиот совет, судијата Алфонс Ори.

Имено, Судскиот совет утврдил дека Младиќ не е виновен само по првата точка од обвинението, односно за геноцид во шест општини во Босна и Херцеговина, односно во Фоча, Кључ, Котор-Варош, Приедор, Сански Мост и Власеница. Но, тој е прогласен за виновен за геноцид во Сребреница, за злосторства против човештвото, терор врз несрпското население, прогон,  депортација, присилно иселување на населението, противправни напади на цивили, земање заложници и кршење на законите за време на војната во Босна и Херцеговина.

Во резимето на обвинението беше наведено дека Младиќ во периодот од мај 1992 до ноември 1995 година бил дел од здружен злосторнички зафат во Сараево. Учесници во здружениот злосторнички зафат биле и: Радован Караџиќ, Станислав Галиќ, Драгомир Милошевиќ, Момчило Краишниќ, Билјана Плавшиќ и Никола Кољевиќ.

„Сите злосторства биле сторени од страна на единиците на Сараевско-романискиот корпус. Обвинетиот Младиќ учествувал во формирањето на овој корпус и командувал со единиците во разни акции, издавал наредби за напади со модифицирани авионски бомби врз Сараево, учествувал во ширење на пропаганда против Хрватите и муслиманите и на претставниците на меѓународната заедница им давал лажни информации“, наведе судијата Ори, читајќи го резимето од обвинението против Ратко Младиќ.

Судскиот совет констатирал дека Младиќ имал намера да спроведе цела кампања на гранатирање и снајперско дејствување, со цел ширење терор врз цивилното население во Сараево. Судијата Ори истакна дека Младиќ лично на 28 мај 1992 година командувал при гранатирањето на Сараево, при што воопшто не е водена никаква сметка за цивилното население.

Судскиот совет констатирал дека на подрачјето на Сребреница се сторени големи злосторства врз човештвото: геноцид, прогон, нехумани активности при присилното иселување на населението.

„Конкретно за Сребреница е констатирано дека српските воени сили, главно војската на Република Српска, убиле повеќе илјади мажи, меѓу кои имало и деца и тоа за само неколку дена од 12 до 17 јули 1995 година. Во селото Кравица биле убиени околу илјада луѓе, во Брањево од 1 000 до 1 200. Во текот на есента, ВСР се обидела да ги прикрие масовните гробници, поради што ги ексхумирале останките и повторно ги закопале, во подалечните општини, меѓу кои и Братувац. Со присилното истребување на населението, намерата била сиот овој дел да се претвори во српска територија. Во текот на овие напади, ВРС ги запалила сите куќи на босанските муслимани и џамиите“, беше наведено во заклучоците од обвинението.

Исто така, Судскиот совет на Хашкиот трибунал констатирал дека Ратко Младиќ издавал наредби за земање заложници кои биле припадници на УНПРОФОР и нивно поставување на стратешки места, со цел да се спречат какви било активности на НАТО.

Непосредно пред изрекувањето на пресудата, Младиќ изјави дека не е виновен. „Знам дека сум невин. Со мене можат да прават што сакаат, но не можат душата да ми ја земат.“

Поранешниот генерал и командант на ВРС беше уапсен во 2011 година, по 16 години бегство, откако беше распишана меѓународна потерница. Судскиот процес против Ратко Младиќ започна во мај 2012 година, во кој сведочеа околу 500 сведоци.

Изрекувањето на пресудата за воениот лидер на босанските Срби денеска е главна вест во балканските и во светските медиуми, кои од своите позиции потсетуваат на случувањата во БиХ за време на војната.

Со пресудата за Младиќ, Хашкиот трибунал завршува со својата работа.

А. Б.