/ Прочитано:

1.209

Хелсиншки комитет: Осуда за попречувањето на правото на протест

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува задржувањето на четворицата граѓански активисти од страна на припадниците на полицијата за време на одржувањето на презентацијата на воена опрема на војската на САД и на АРМ во саботата, на 29.7.2017 година, во центарот на Скопје.

„Истакнуваме дека попречувањето на правото на мирен протест, како и противзаконското задржување преку примена на средства за врзување (лисици), претставуваат дејствија со кои во конкретниот случај овластените полициски службеници сторија флагрантно кршење на Уставот, Законот за јавни собири, Законот за полицијата, Правилникот за вршење на полициските работи и релевантните меѓународни стандарди“, велат од Хелсиншкиот комитет.

„Хелсиншкиот комитет за човекови права покрена постапка заради утврдување на околностите во случајот, при што препорача преземање конкретни мерки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за утврдување одговорност на инволвираните полициски службеници, кои според мислењето на Хелсиншкиот комитет, без основа примениле средства за присилба. Дополнително, од страна на надлежните структури во МВР беше побарано да се преземат неопходните мерки и активности и да дејствуваат на линија на воспоставените законски и универзални меѓународни стандарди на полициско постапување. Дописот беше доставен и до министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, како и до директорот на Бирото за јавна безбедност и до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“, додаваат од Комитетот.

Од Хелсиншкиот комитет изразуваат незадоволство од продолжувањето, како што нагласуваат, на режимски практики на постапување од страна на полицијата во Република Македонија, и по промената на власта, на начин кој е во целосна спротивност со вредностите и принципите кои таа треба да ги застапува.

„Со оваа постапка, полицијата отворено се става на штета на граѓаните и понатаму придонесува за пораст на трендот на граѓанска недоверба. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи сериозно да пристапи кон разрешување на случајот, што би значело раскрстување со режимските практики на постапување од страна на полицијата. Притоа, укажуваме дека враќањето на довербата во полицијата може да се случи само ако се покаже бескомпромисност во борбата за заштита на слободите и правата на граѓаните и да се почне со системско санкционирање на пречекорувањата на овластувањата на полициските службеници при вршењето на нивните дејствија“, велат оттаму.

Од Хелсиншкиот комитет очекуваат Министерството за внатрешни работи сериозно и неодложно да се зафати со расчистување на инцидентот од 29.7.2017 и да ја утврди одговорноста на полициските службеници инволвирани во настанот.

„Притоа, нужно мора да постои сериозна и вистинска волја да се смени културата на пресија која ја негуваше полицијата во изминатиот период, а која беше насочена кон секој оној што има спротивставено мислење од она на власта. Во таа смисла, реформирањето и професионализацијата на сите полициски структури, вклучително и на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди треба да претставува императив без чие остварување не може да се замисли каква била суштинска реформа на системот во насока на воспоставување на владеење на правото и целосно почитување на темелните слободи и права. Бескомпромисноста во борбата против сите остатоци на режимот во институциите мора да се прикаже низ соодветни постапки и соодветни санкции, за сите повреди и попречувања на човековите права во земјата“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

М.В