Хелсиншки комитет: Сериозни нарушувања на човековите права се случиле минатата година во земјава

Среда, 26 јуни 2013 – Минатата година биле констатирани сериозни нарушувања на слободите и правата на граѓаните како и драстични повреди на принципот на владеење на правото и правната држава, оценуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од Хелсиншки комитет велат дека минатата година биле констатирани сериозни нарушувања на слободите и правата на граѓаните како и драстични повреди на принципот на владеење на правото и правната држава. Притоа, нив особено ги загрижува што во извештајната година регистрираните повреди на човековите права и слободи укажувале не само на системски проблеми во функционирањето на органите и институциите, туку и на злоупотреба на нивните надлежности. 

„Граѓанските и политичките права во Република Македонија за 2012 година беа особено изразени преку практикување на правото на мирен протест. Особен интерес на Комитетот а, воедно и практика стана набљудувањето на мирни протести по барање на индивидуи и групи поради изразен страв, несогласување со полициски службеници кои го обезбедуваат правото на мирен протест, закани, уцени, ограничување на правата, притисок во форма на контра-протести и политичка дискриминација поради членство во политичка партија“, посочуваат од Комитетот.

Oд Комитетот велат дека годишниот Извештај претставува сублимат на анализи за констатираните состојби за нарушени човекови права во следните области:
  • судство;
  • законодавство;
  • полициско постапување;
  • лустрација;
  • дискриминација;
  • длобода на медиуми и слобода на изразување;
  • затворни установи;
  • економски и социјални права;
  • граѓански и политички права и слободи и
  • ЛГБТ заедница.