ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ: Уставниот суд да се издигне над партиските интереси

Според Хелсиншки, измените од 2009 година биле донесени заради заштита на јавниот интерес и процесот на демократизација, како и заради поголема правна сигурност на граѓаните, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

helsinski-komitet-golema.jpg

Хелсиншкиот комитет упати остра реакција на одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.

Оттаму изразуваат сомнеж дека веќе е позната и конечната Одлука а тоа е укинување на Законот со кој се утврдува дека помилувањето не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и врз основа на кој се формираше Комисијата за помилување.

Според Хелсиншки, измените од 2009 година биле донесени заради заштита на јавниот интерес и процесот на демократизација, како и заради поголема правна сигурност на граѓаните, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

„Оттука, симптоматично е што Уставниот суд денес одлучи дека има потреба за оценување на уставноста на овој закон, особено ако се земе предвид фактот дека оваа иницијатива е поднесена на почетокот на месец февруари 2016, веднаш по отворањето на случајот „Титаник” од страна на Специјалното јавно обвинителство, во кој во својство на осомничени за изборни измами се поранешните министри Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска и останати лица блиски до владејачката коалиција“, се наведува во реакцијата на Хелсиншки.

Брзината на постапувањето, која денес ја покажа Уставниот суд, во овој случај е единствен пример за брзо постапување по одредена иницијатива, со што многу транспарентно се разоткрива неговата улога на инструмент за одбрана на партиските интереси на владејачката коалиција, велат од Хелсиншки.

Во конкретниот случај не изненадува што Владата и Собранието на РМ дале мислења дека законското решение е во согласност со Уставот, поради тоа што владејачката коалиција била таа што го предложила и го изгласала овој закон во 2009 година.

„Она што изненадува е фактот што, и покрај ваквите мислења, Уставниот суд дозволува да биде искористен од страна на партиите на власт и да поведе постапка за законско решение кое може да се толкува во позитивна насока, особено во делот за изборите. Она што исто така треба да се земе предвид е и фактот дека со укинувањето на ова законско решение, ќе се укине и Комисијата за помилување, која требаше да обезбеди минимум транспарентност и експертиза во одлуките на Претседателот во делот на помилувањето“, велат од Хелсиншки.

За потсетување, Хелсиншкиот комитет во јануари оваа година доби и свој член во Комисијата за помилување.

Вчера Уставниот суд со пет гласа за и четири гласа против поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за помилување.