/ Прочитано:

1.630

Хелсиншки комитет за човекови права: Бегалците користат шверцерски канали за илегален излез од територијата на Македонија

Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, рече дека Комитетот постојано укажува на фактот дека луѓето ги снемува од камповите, нагласувајќи дека одговорот што го добиваат од МВР е дека ќе презема позасилени мерки за да го следат движењето на бегалците кои од Табановце се движат кон околните села. Неминовно е и тоа, истакна Пировска, дека тие најчесто стануваат жртви на секаков вид злоупотреби, меѓу кои е и трговијата со луѓе. Според податоците што ги изнесе претставникот на УНХЦР во Македонија, Даг Сигурдсон, во текот на оваа година се констатирани 14.200 илегални преминувања низ земјава, а тоа, како што рече, во просек е 50 луѓе дневно.

На тркалезната маса „Бегалската криза во Република Македонија, моментална состојба, предизвици и идни чекори“, која денеска во Скопје ја организираше Хелсиншкиот комитет за човекови права, беше истакнат фактот дека бегалците што пристигнуваат во Табановце најчесто се поврзуваат со шверцерски групи, со цел да најдат илегален излез од територијата на Македонија.

Затоа, како што посочи директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска,  под посебен мониторинг од страна на Министерството за внатрешни работи треба да бидат оние подрачја каде што има информации дека циркулираат шверцерски групи со цел да се следи што се случува со тие луѓе.

Пировска рече дека Хелсиншкиот комитет за човекови права постојано укажува на фактот дека луѓето ги снемува од камповите, нагласувајќи дека одговорот што го добиваат од МВР е дека ќе презема позасилени мерки за да го следат движењето на бегалците кои од Табановце се движат кон околните села. Неминовно е и тоа, истакна Пировска, дека тие најчесто стануваат жртви на секаков вид злоупотреби, меѓу кои е и трговијата со луѓе.

„Македонија треба да биде свесна дека може повторно да се случи ескалација со бегалската криза, се соочивме со невидена ескалација во ситуација кога немаше никакви услови во државата за да бидат тие заштитени и да им се овозможи соодветен престој. Во моментов имаме кампови кои се во многу подобра состојба од оние во Грција“, вели Пировска.

Според податоците што ги изнесе претставникот на УНХЦР во Македонија, Даг Сигурдсон, во текот на оваа година се констатирани 14.200 илегални преминувања низ земјава, а тоа, како што рече, во просек е 50 луѓе дневно.

„Профилот на бегалци сега е многу поинаков од периодот кога се случуваше најголемиот бегалски бран“, рече Сигурдсон, нагласувајќи дека најголем број се мажи без семејства, кои сами не можат да ја преминат границата, па користат шверцерски канали.

„Во Македонија досега има 130 барања за азил, но барателите на азил најчесто исчезнуваат од земјата пред да им биде одговорено на нивното барање. Не може да се регистрира секое лице кое поминува низ земјава. Токму поради тие илегални групи шверцери на луѓе произлегува и проблемот што тие луѓе најчесто завршуваат како жртви на трговијата со луѓе“, рече Сигурдсон.

А. Б.