/ Прочитано:

1.194

Хелсиншкиот комитет го презентираше Извештајот за обезбедена правна помош на социјално ранливите и маргинализирани групи

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска го презентираше Извештајот за обезбедена правна помош на социјално ранливите и маргинализирани групи лица, во рамки на проектот „Поддршка од граѓанско општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“.

На денешната презентација на Извештајот беше нагласено дека одредени ранливи групи се особено жртви на дискриминација и најчесто станува збор за Роми, за лица со физичка и интелектуална попреченост, за жените од малцинските етнички заедници, за жените од руралните средини и за луѓето од ЛГБТ-заедницата.

Извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија (ХК), Уранија Пировска, на денешниот настан посочи дека постои  зголемување на бројот на претставки за извршена дискриминација врз ранливите групи. Овие податоци, подвлече Пировска, покажуваат дека е подигната свеста на ранливите групи за нивните права, но исто така, подигната е свеста и во однос на тоа каде може да се обратат за да ја добијат потребната заштита.

Како што образложи Игор Јадровски, Хелсиншкиот комитет документирал 64 барања за бесплатна правна помош во случаи на дискриминација и прекршување на права на таргетираните ранливи групи. Најголем број од случаите, односно 57, се однесуваат на барања за правна помош за заштита од дискриминација. Во седум од случаите, додаде Јадровски, граѓаните побарале заштита за прекршување на право.

Исто така, Јадровски нагласи и дека во 47 од документираните случаи граѓаните сметаат дека биле дискриминирани врз една дискриминаторска основа, додека во осум случаи беше констатирано дека станува збор за дискриминација врз повеќе основи, најчесто тоа се: пол и род; пол, род и возраст; пол, род, верско убедување и сл.

„Тринаесет случаи се однесуваат на дискриминација врз основа на физичка и интелектуална попреченост. Има зголемен тренд и на пријавување на случаи на дискриминација врз основа на религија и верско убедување, чиј број изнесува девет“, истакна Јадровски.

Неда Чаловска-Димовска, која е проектен координатор и правен советник во Хелсиншкиот комитет, посочи дека има еден до два случаи годишно на лица со попреченост кои се обратиле до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител.

„За година и пол добивме повеќе од 20 претставки за дискриминација или за прекршување на правата кои се однесуваат на системски проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост. Главната пречка за да побараат помош или поддршка од институциите е физичката непристапност. Дел од нашите препораки се да се обезбеди физичка пристапност за да можат да ги уживаат сопствените права и да бараат заштита од органите“, истакна Чаловска-Димовска, додавајќи дека области во кои забележале најмногу дискриминација се работните односи, потоа е образованието, здравствената заштита и пристапот до добра и услуги.

Чаловска-Димовска подвлече дека Хелсиншкиот комитет бара и предлага законските решенија за спречување и заштита од дискриминација и за бесплатна правна помош да овозможат олеснување на трошоците. Така, образложи Чаловска-Димовска, граѓаните ќе можат да поведат судска постапка без да плаќаат судски трошоци.

Од Хелсиншкиот комитет предлагаат сегрегацијата да биде ставена и како посебен облик на дискриминација во измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Според податоците од Извештајот постојат и случаи на претставки од Роми ученици во средно училиште дека во средните училишта има класови кои се само ромски, македонски и албански. Ова, нагласуваат од Хелсиншкиот комитет, е сериозен проблем и треба да се донесе соодветна програма за да се реши.  Од Хелсиншкиот комитет предлагаат сегрегацијата да биде ставена и како посебен облик на дискриминација во измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Хелсиншки комитет: Нестручно постапување на судија во постапка за заштита од семејно насилство (М.В)