/ Прочитано:

1.270

Хелсиншкиот комитет: Исплатата на К-15 останува горлив проблем во текстилната, кожарската и чевларската индустрија

Во согласност со Општиот колективен договор за стопанството, вработените во приватниот сектор, вклучително и вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, во 2017 година имаа право на регрес за годишен одмор или во јавноста познат како К-15.

Исплатата на регресот се врши до крајот на годината, во висина од најмалку 40 % од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Основицата за пресметување на надоместоците на работниците, вклучително и регресот за годишен одмор, преставува просечната месечна нето-плата по работник во Република Македонија, исплатена во последните три месеци. Тоа значи дека вработените во приватниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор во минимален износ од околу 9 000 денари.

„Сепак, Колективниот договор остава простор работодавачите во случај на финансиски тешкотии во работењето да исплаќаат понизок износ за регрес на годишен одмор од минимално утврдениот, по претходен договор со синдикалниот претставник или избраниот претставник на работниците“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Оваа можност и во 2017 година беше (зло)употребена од многу работодавачи во текстилната, кожарската и чевларската индустрија. Хелсиншкиот комитет документираше повеќе случаи во кои работодавачите исплатиле далеку пониски износи за регрес на годишен одмор од минимално утврдениот износ, износи кои во одредени случаи беа во висина од 100 денари.

Ова е од причина што Колективниот договор има нејаснотии и прецизно не регулира како се утврдува дали одреден работодавач има финансиски тешкотии во работењето и врз основа на кои критериуми се пресметува понискиот износ за исплата на регрес за годишен одмор.

„Од друга страна, во текстилните, кожарските и чевларските конфекции, во кои нема синдикален претставник, често има нетранспарентен избор на претставник на работниците кој со работодавачот го договара износот за регрес на годишен одмор во случаи на финансиски тешкотии на работодавачот, па често се случува да има злоупотреби. Ваквата ситуација им создава проблеми и тешкотии и на државните инспектори за труд при вршење на инспекциските надзори бидејќи нема утврдени критериуми по кои инспекторите би можеле да оценат дали работодавачот има и колкави се финансиските тешкотии во работењето и дали исплатениот регрес на годишен одмор во помал износ од минималниот соодветствува на финансиските тешкотии во работењето на работодавачот. Во случаите кога државните инспектори за труд ќе утврдат дека одреден работодавач нема исплатено регрес за годишен одмор, а има финансиски тешкотии во работењето, одредувањето на висината за регресот за годишен одмор се врши од страна на државните инспектори за труд, кои повторно немаат критериуми по кои би утврдиле колкава би требала да биде неговата висина“, образложуваат од Комитетот.

Хелсиншкиот комитет апелира да се изврши дополнување и прецизирање на Општиот колективен договор за стопанството во делот на утврдување на регресот за годишен одмор во случаите кога работодавачот има финансиски тешкотии во работењето, со поставување јасни критериуми за утврдување на финансиските тешкотии и поставување на јасни критериуми за утврдување на висината на регресот за годишен одмор во случаи на финансиски тешкотии во работењето на работодавачот. Во меѓувреме ги охрабруваме работничките и работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права.

М.В