/Прочитано:

740

Хелсиншкиот комитет препорачува полициските службеници да го спроведуваат Законот за правда за децата со особено внимание

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија со поплака се обратил полномошникот на малолетно дете од Скопје застапувано од своите родители заради незаконито работење на полициски службеници од Полициската станица Аеродром – Скопје.

Малолетното дете во текот на месец март било телефонски повикано на информативен разговор како осомничен за извршено кривично дело – кражба на моторно возило автомобил, кој управувајќи го возилото причинил значителна материјална штета на трети лица.

„Пред сослушувањето од просторијата бил отстранет таткото на малолетното дете со образложение дека е дозволено да биде присутен само еден родител. Малолетното дете било сослушувано спротивно на Законот за правда за децата, членот 116 ст. 3, кој гласи дека ‘разговорот со малолетното дете задолжително се води во присуство на неговиот бранител и родителот/ите, односно законски застапник.

Полицискиот службеник кој изготвил поука за право на бранител за повиканото дете забележал дека не е побаран бранител, со што го прекршил Законот за правда за децата.

При сослушувањето инспекторите ги известиле мајката и малолетното дете дека поседуваат фотографија која ќе биде избистрена и дека со неа ќе може да се идентификува ликот на малолетното дете. Мајката поставила прашање како ќе се спореди ликот кога немаат фотографија од нејзиното дете.

Во тој момент еден од инспекторите користејќи го својот приватен мобилен телефон го фотографирал малолетното дете со цел да може да биде направена споредбата на фотографиите, со што постапил спротивно на одредбите од Упатството за начинот и методите за вршење на криминалистичко-техничката регистрација и идентификација на лица и непознати лешеви“, информираат од Комитетот.

Од страна на полномошникот, додаваат од Хелсиншкиот комитет, беше поднесена претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди за постапувањето на полициските службеници во случајот.

Хелсиншкиот комитет се обрати до Секторот за внатрешна контрола со барање за информации за нивното постапување по предметот, по што бевме известени дека наводите на претставката се основани и се преземени мерки на дисциплинска одговорност во согласност со Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

Препорака: Хелсиншкиот комитет препорачува полициските службеници со особено внимание да постапуваат и да го спроведуваат Законот за правда за децата и меѓународните стандарди. Да се грижат за најдобриот интерес на децата, како на осомничените и обвинетите така и за децата жртви и сведоци на криминал.

Со оглед на ниската доверба кај граѓаните во постапувањето на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во случаи на незаконито постапување на полициските службеници, препорачуваме во своите известувања за нивното постапување по претставките на граѓаните да ги наведат конкретно мерките кои ги презеле против полициските службеници во случаи кога утврдиле прекршувања во нивната работа.

M.В