/ Прочитано:

1.283

Хелсиншкиот комитет реагира за изборот на Аневски за претседател на Советот на јавните обвинители. Аневски тврди дека е избран законски

Хелсиншкиот комитет ги повикува членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, во согласност со членот 10 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, да закажат итна седница на која ќе ја преиспитаат својата незаконска одлука.

Совет на јавни обвинители, Петар Аневски претседател

Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира на повторниот избор на Петар Аневски за претседател на Советот на јавните обвинители бидејќи е направен во спротивност со Законот за Советот на јавните обвинители.

„Хелсиншкиот комитет укажува дека во согласност со членот 8 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 и 100/2011), мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор“, велат од Комитетот.

Повторниот избор на Аневски претставува сериозна повреда на начелото на законитост, додаваат од Хелсиншки. Според нив, ваквата одлука ја доведува во прашање компетентноста, независноста и непристрасноста на членовите на Советот, како и основната функција на Советот – да ја обезбедува и да ја гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција.

„Особено одговорен за ваквото незаконско постапување е самиот г. Аневски кој ја свикал седницата, раководел со неа и за време на седницата се кандидирал за претседател, и покрај тоа што не смеел“, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Повторниот избор се случил вчера на седница на Советот на која Аневски бил избран за претседател со тајно гласање, велат од Хелсиншки.

Хелсиншкиот комитет ги повикува членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, во согласност со членот 10 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, да закажат итна седница на која ќе ја преиспитаат својата незаконска одлука.

Аневски пак тврди дека е избран законски.

„Не е точно дека незаконски сум избран. Од Хелсиншкиот комитет убаво нека го читаат Законот. Точно е дека бев претседател до август 2016 година, а сега повторно сум избран, но во нов, трет мандат на Советот. Значи, не сум реизбран во ист мандат“, појаснува Аневски.

Аневски за првпат беше поставен за претседател на Советот во октомври 2014 година. Тој доаѓа од Вишото јавно обвинителство во Битола каде што беше првиот човек на Обвинителството пред да дојде во Советот на јавни обвинители. Во јули годинава доби уште еден мандат како член на Советот.