/ Прочитано:

1.287

Хелсиншкиот комитет: Се прекршува начелото на итност за привремените мерки за заштита во случаи на семејно насилство

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратила странка со барање за бесплатна правна помош поради претрпено физичко и психичко семејно насилство, информираат од Хелсиншкиот комитет во месечниот извештај за човековите права.

„Странката и сторителот биле во блиски партнерски, односно лични односи речиси 10 години. По семејна расправија противникот физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ телесни повреди. Тој продолжил со физичко и психичко вознемирување, со секојдневни закани, демнење и притисоци за да спречи покренување на постапка пред надлежните институции.

Странката преку полномошник поднела предлог за изрекување привремени мерки за семејно насилство до Основниот суд во Скопје. Против сторителот е поднесена и кривична пријава за телесна повреда и загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство до Основното јавно обвинителство“, велат од Комитетот.

Правниот тим на Хелсиншкиот комитет ѝ обезбеди правно советување на странката и ја следи судската постапка по поднесениот предлог за изрекување привремени мерки. Досега се одржани две рочишта: првото на 13 септември – еден месец по поднесување на предлогот, и покрај законската обврска на судот да постапува по предлогот веднаш, а најдоцна во рок од 7 дена од неговото поднесување.

„Ова рочиште беше одложено за 17 септември, кога се вршеше распит на странките. Судот сè уште не одлучил за одредување привремена мерка за заштита. Во текот на овој месец закажано е уште едно рочиште за сослушување на сведоци предложени од противникот.

Вака постапувајќи, судот сериозно го загрозува начелото на итност на постапката, дополнително, и правната сигурност на жртвите на семејно и родово засновано насилство“, додаваат од Хелсиншкиот комитет.

„Во однос на кривичната пријава, до Хелсиншкиот комитет пристигнаа сознанија дека постојат притисоци за измена на фактите во записникот составен од МВР, со оглед на тоа што противникот е лице назначено од сегашната политичка власт“, нагласуваат од Комитетот.

Правниот тим на Хелсиншкиот комитет во моментов мониторира уште два случаи на родово засновано насилство. Едниот случај е пријавен во Основното јавно обвинителство; за вториот случај во тек е судска постапка.

Проблемот на идентификување и квалификување на насилството како семејно и родово засновано од страна на надлежните институции сè уште е загрижувачки. Ваквиот пристап дополнително ја загрозува ситуацијата на жртвите, промовирајќи ги и онака веќе стигматизирачките и дискриминаторски перцепции за жените и девојките жртви на насилство.

Воедно, од мониторингот на судските постапки неизбежно се доаѓа до заклучок дека судот го прекршува начелото на итност кога одлучува за одредување привремени мерки за заштита.

Отпорот на кој наидуваат жртвите на семејно и родово насилство води кон нивно повлекување при користењето на предвидените заштитни механизми.

Препорака: Соочувањето на жртвата со насилникот на судските рочишта е сè уште значаен недостаток во постапката за одредување привремени мерки за заштита. Оттука, неопходна е измена на постојните правила за нејзино уредување. Дополнително, потребно е и отворање на нашиот традиционално затворен поредок. Потребно е напуштање на практиката на нашите судови за примена на меѓународните правила само како дополнителна потврда на домашните правила; напротив, треба директно да се имплементира Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

М.В