/ Прочитано:

796

Хелсиншкиот комитет: „Твоите човекови права не завршуваат зад решетки“

Tргнувајќи од својата мисија и визија, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја потенцира улогата и обврската на државата во поглед на заштитата и унапредувањето на човековите права на лицата лишени од слобода.

„На 22.7.2019 година во Собранието на Република Северна Македонија од страна на Постојаната анкетна комисија за заштита  на слободите и правата на граѓанинот беше организирана јавна расправа на тема: Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија. На јавната расправа беше презентиран Извештајот од посетите на претставниците на Постојаната анкетна комисија во три казнено-поправни установи.

Свое обраќање на јавната расправа имаше и претставничката на Хелсиншкиот комитет, Сибел Амет, којашто изрази задоволство што за оваа тема конечно се дискутира во законодавниот дом и положи надеж дека овој позитивен исчекор нема да застане со оваа јавна расправа, односно дека ќе поттикне конкретни напори од страна на надлежните институции за подобрување на состојбите во затворите, особено во оној дел каде што не е потребна инфраструктурна инвестиција, како што се здравствената заштита, образованието, ресоцијализација, пробацијата, односно генерално да профункционира системот којшто е предвиден со законите.

Со оглед на тоа што овие состојби во затворите невладиниот сектор и меѓународната заедница ги потенцираа со години наназад, меѓутоа не предизвикаа интерес кај надлежните институции, претставничката на Хелсиншкиот комитет рече дека ѝ е ‘драго’ што присутните пратеници се шокирани и потресени од состојбите во затворите, па уште еднаш изрази надеж дека шокот ќе ги поттикне на соодветна реакција, што ќе резултира со подобрување на условите во казнено-поправните установи.

Во текот на периодот од февруари 2019 до јуни 2019 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамките на проектот ‘Живот зад решетки’ поддржан од страна на Амбасадата на САД во Северна Македонија, изврши посети  во  10 казнено-поправни установи во државата. Од посетите во затворите беа изготвени извештаи со препораки и заклучоци, кои ќе бидат испратени до надлежните институции“, соопштуваат од Комитетот.