/ Прочитано:

1.234

Хелсиншкиот комитет за човекови права со осврт кон експертскиот извештај на Рајнхард Прибе

Хелсиншкиот комитет препорачува Владата сериозно да ги земе предвид наодите на експертската група од извештајот во наредната фаза на реформирање на правосудниот сектор. Значителен дел од препораките се веќе вклучени во Нацрт-стратегијата за реформа, како резултат на заедничките напори на граѓанските организации кои активно го следеа процесот на подготовка на Нацрт-стратегијата и во повеќе наврати поднесоа нивни детални предлози до работната група формирана во Министерството за правда. Исто така, на линија на заклучоците содржани во вториот извештај на Прибе, Хелсиншкиот комитет препорачува под итно, по завршувањето на локалните избори, да се пристапи кон дефинирање на натамошната позиција и улога на Специјалното јавно обвинителство.

Септемврискиот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за 2017 година што го објави Хелсиншкиот комитет за човекови права опфаќа теми од областа на правосудството, дела од омраза, затворени институции, дискриминација и социјална заштита. Од областа на правосудството, Хелсиншкиот комитет за човекови права се фокусира на вториот експертски извештај на Прибе.

Кон средината на месецот, експертската група на Европската комисија, предводена од Рајнхард Прибе, го објави вториот извештај за системските проблеми со владеењето на правото во Република Македонија.

Во овој извештај се поздравуваат започнатите реформи во областа на правосудството, при што се укажува на потребата од инклузивност и транспарентност на овој процес. Воедно, во извештајот се упатува како на неопходноста од соодветно планирање, така и на потребата да се избегне непотребно одолговлекување на долгоочекуваните реформи.

Експертите уште еднаш потенцираат дека не запреле контролата и злоупотребата на правосудниот систем од страна на мал број судии на моќни позиции, кои и натаму продолжиле да вршат притисоци врз своите помлади колеги и кои преку својата моќ да ги именуваат, оценуваат, дисциплинираат и разрешуваат колегите од пониските рангови врз нив вршат притисоци заради остварување на одредени политички цели.

Во извештајот се посочува дека е нужно да се реформираат постапките за дисциплинирање и оценување на судиите, но истовремено се изнесува и позитивна забелешка дека и покрај злоупотребите нотирани кај мал број судии, мнозинството од судиите ја спроведуваат правдата на чесен и правичен начин. Во таа смисла, се нагласува дека и покрај тоа што новите власти се овластени, но и должни да преземат одредени дејствија против оние судии што ја злоупотребиле својата положба, не е препорачлив генералниот реизбор на судии од причина што однесувањето на судиите во никој случај не може да се смета како нешто универзално, а „чистката“ во судството би можела да биде политички злоупотребена. Оттука се повикува на целосно почитување на начелото на поделба на власта, со тоа што судиите кои се под политички влијанија би биле подложени на ефективни етички и професионални правила, а таму каде што има докази и основани сомненија за сторен криминал од страна на судиите да се спроведат соодветни постапки во кои ним им била изречена трајна забрана за какво било практикување на правото.

Експертите ги изразија своите сомнежи за кредибилноста на АКМИС- системот за распределба на предметите, со посебен акцент на неговото функционирање во Основниот суд Скопје 1. Според нив, можно е тој да бил манипулиран на повеќе начини, и тоа: 1) прераспределба на „неподобни“ судии во други оддели кога треба да се распределуваат чувствителни предмети; 2) заминување на боледување или друг вид отсуство во периодот на распределба на такви предмети од страна на судиите кои сакале да избегнат притисоци; 3) можност разликите во постапките кои се водат според стариот и новиот ЗКП да бидат користени за да се олесни манипулацијата на системот, како и 4) злоупотреба на системот преку директен пристап на овластени лица, како што се претседателите на судовите. Со оглед дека никогаш не бил спроведен темелен надзор врз функционирањето на АКМИС-системот, експертската група предлага да се пристапи кон таков надзор, без политички мешања и по потреба со учество на меѓународни институции и претставници, кој би имал за цел утврдување на евентуално сторените противзаконски дејствија.

Извештајот опсежно се осврнува и на Судскиот совет, при што се наведува дека Советот не ги исполнува своите должности за да обезбеди независност на судството и тој носи голема одговорност за несоодветната распределба на предмети. Експертите искажаа и загриженост дека позицијата член на Советот како редовна функција со полно работно време предизвикува одвојување на судиите од реалноста во правосудството. Воедно, се нотира непреземањето какви било мерки од страна на Советот во насока на повторување на постапките за разрешување на одделни судии, како мерки за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права со кои била утврдена повреда на членот 6 од Европската конвенција поради неправичноста на постапката.

Додека моделот на Судскиот совет се остава да се дефинира со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, експертската група во принцип предлага длабинско преиспитување на неговата улога и разгледување на можноста за одговорност на неговите членови. Истовремено, се повторува дека е потребно постојниот систем на мерење и оценување на перформансите и учинокот на судиите кој е базиран врз квантитативните критериуми да биде заменет со нов систем кој ќе биде фокусиран врз квалитетот на правдата, со што би се намалила можноста за манипулации, а разрешувањето на судиите би била крајна мерка кон која се прибегнува само во исклучителни ситуации.

Хелсиншкиот комитет препорачува Владата сериозно да ги земе предвид наодите на експертската група од извештајот во наредната фаза на реформирање на правосудниот сектор. Значителен дел од препораките се веќе вклучени во Нацрт-стратегијата за реформа, како резултат на заедничките напори на граѓанските организации кои активно го следеа процесот на подготовка на Нацрт-стратегијата и во повеќе наврати поднесоа нивни детални предлози до работната група формирана во Министерството за правда. Исто така, на линија на заклучоците содржани во вториот извештај на Прибе, Хелсиншкиот комитет препорачува под итно, по завршувањето на локалните избори, да се пристапи кон дефинирање на натамошната позиција и улога на Специјалното јавно обвинителство и начинот на постапување со предметите кои произлегоа од „бомбите“ во насока на продолжување на неговиот мандат или, пак, негово преминување како одделение на редовното Јавно обвинителство, со цел да се избегне неоправданото одлагање на спроведувањето на правдата во поглед на кривичните случаи од висок профил. Воедно, заради поефективно извршување на неговите надлежности, неминовно е усвојување на законски измени во Законот за заштита на сведоци.

А. Б.