/ Прочитано:

1.930

Хилтон влегува во Македонија со потпишување договор за франшиза

Понеделник, 13 мај 2013 – Светски познатиот бренд Хилтон влегува во Македонија со потпишување договор за франшиза за отворање ексклузивен  „DoubleTree By HILTON“  во Скопје, со „Stone Bridge Hotel“.

Хотелот, што ќе се гради во населбата Аеродром покрај кејот на Вардар, спроти Универзитетот ФОН, треба да почне со работа на почетокот на 2016 година.

Според најавите, новиот хотелски објект ќе содржи 172 елитни соби, вклучувајќи 20 апартмани, како и 1.400 метри квадратни простор за организирање настани, поделен на два големи салони, и дополнителни три конференциски сали. Треба да содржи и бизнис центар, центар за здравје и спа центар.

„Се шириме низ Европа, со стратегија да го зголемиме нашето портфолио на успешни брендови на клучни локации со висококвалитетен развој на хотелите. „DoubleTree By HILTON“  – Скопје ќе биде одличен додаток  на нашето портфолио и почестен сум дека сега сме присутни и во Македонија, овозможувајќи сосема нов вид на сместување во земја, чиј профил на туристичка дестинација рапидно расте, заедно со бројот на пристигнување на посетителите од странство“, изјави Патрик Фицгибон, сениор заменик-претседатрел за развој за Европа и Африка на Хилтон.

Хилтон е водечка глобална услужна компанија во секторот сместување, од луксузни хотели со целосна услуга и одморалишта, до објекти за продолжени престои и хотели со пониски цени. Брендовите на Хилтон се вклучени во повеќе од 3.900 хотели и објекти, со 650.000 соби во 90 држави.

Извор: МИА