/ Прочитано:

1.459

Холандски студенти иницираа референдум против „Законот на големиот брат“

Четворица студенти на Универзитетот во Амстердам, кон крајот на месец август, започнаа петиција за организирање на референдум за новата холандска регулатива со која им даваат поголеми овластувања на безбедносните служби во  следењето на интернет сообраќајот. Контроверзното законодавство, кое треба да стапи во сила во 2018 година, од страна на експертите за приватност беше наречено „Законот на големиот брат“.

Светските медиуми објавуваат дека  потписите од петицијата  се одобрени и може да започне организирањето на  консултативниот референдум за идниот закон со кој ќе се утврдат поголемите овластувања на холандските безбедносни служби. Холандскиот избирачки совет, пишуваат медиумите, објави дека е достигнат прагот од 300.000 потписи неопходни за организирање на референдумот за законот.

Студентите, иницијатори на референдумот и противници на прислушувањето на холандски граѓани, сметаат и објаснуваат дека со законите за службите за безбедност и разузнавање, ќе може да се користи систем за масовно прислушување на интернет комуникациите, како и на граѓани што не се осомничени. Законот, велат студентите, ќе има тешки последици врз слободата.

„Цел кварт може да биде прислушуван поради еден осомничен кој живее во него. Со тој закон, сите објави на ‘Фејсбук’ од еден ист град, на пример, би можеле да бидат пресретнати и чувани со години“, нагласуваат организации одговорни за кампањата за референдумот, кој би требало да започне заедно со локалните избори на 21 март 2018 година.

M.В