/ Прочитано:

1.124

Случајот што на нозе ја крена цела Хрватска: 40 години затвор за Драган Паравиња за убиство на Антонија Билиќ

Петок, 19 октомври 2012 –  Драган Паравиња е виновен за силување и убиство на 17-годишната Антонија Билиќ,  и обид за силување на Марина Д., одлучи Жупанискиот суд во Шибеник, јавуваат, хрватските медиуми.

Драган Паравиња

Гласно негодувајќи, Паравиња ја дочека пресудата според која доби 6 години затвор за обид за силување на Марина Д., 6 години за силување на Антонија Билиќ и уште 35 години за нејзино убиство. Осуден е на максимална затворска казна од 40 години. Иако се очекуваше дека за време на судењето ќе ја признае вината, тој цело време одрекуваше дека ги сторил делата што му се ставаат на товар, велејќи дека процесот е монтиран бидејќи премногу знаел за вооружените судири во Славонија. 

Телото на девојката се уште не е пронајдено

Денеска поминуваат точно 500 дена од кобното утро кога Антонија Билиќ последен пат е видена и од кога и се губи секоја трага.

Антонија Билиќ

Според сведочењата и форензичките наоди, последен пат е видена 7 јуни 2011 година околу 10 часот, во селото Кричка кај Дрниш, Хрватска како влегува во камион управуван од страна Драган Паравиња, човек осуден на 4 и пол години затвор за силување и обид за силување во Србија. Правиња кој има двојно државјанство, живеел и работел во Словенија и Хрватска, а уапсен е во Република Српска криејќи се кај неговиот вујко. Во текот на истрагата признава дека ја задавил Атонија Билиќ, а потоа телото го фрлил во езерото Брљан. Сепак телото никогаш не е пронајдено, иако во потрагата учествуваа над илјада полицајци, пожарникари и граѓани, а езерото и уште неколку помали езера во истата околина беа исушени. Подоцна, Паравиња го негираше исказот даден во полиција, велејќи дека истиот го дал под притисок и физичко малтретирање од страна на полицијата.

За време на судењето кое започна на 22 март годинава, прегледан е видео материјал со цел да се утврди движењето на Паравиња во периодот кога Билиќ исчезнала, а вештаците сведочеа за биолошки траги најдени во неговиот камион и тоа – коса, крв и плунка кои и припаѓаат на девојката.

Семејството Билиќ, во текот на постапката вети дека ќе му прости на Паравиња доколку им открие дали Антонија е мртва или жива, но и покрај силните докази на обвинителството тоа никогаш не се случи.

– Убеден сум дека Паравиња е интелегентен лажго и манипулатор, кој точно го знае секој негов  следен чекор, изјави инспекторот Милијан Бркиќ, кој го испрашуваше Паравиња по неговото апсење во Република Српска.

Со ова се сложија и психијатрите кои го извршија вештачењето по налог на судот.

– Интелегентен, ладен и немилосреден, беше нивниот заклучок.