/ Прочитано:

1.533

Хрватска прави историски рез помеѓу надежите и стравовите за иднината во Европската унија

Хрватска официјално стана земја-членка на Европската унија. На денешниот датум, земјата на Јадранот во многу погледи прави историски рез помеѓу надежите и стравовите за идниот правец на својата државност оптоварена со тонажата на коруптивните механизми, како и на својата економија, којашто во пренагласена мера ја следат долгови, невработеност од 22 процента, безреден здравствен и разнишан пензиски систем. Кон уште поголема контроверзија придонесува и фактот што само два дена пред официјалниот прием, Хрватскиот парламент дословно фабрикува закон со кој се спречува екстрадицијата на поранешниот хрватски агент на Управата за државна безбедност, Јосип Перковиќ, за кого германските власти распишаа меѓународна потерница. Препораките за што поголеми напори за зајакнување на ефикасноста на хрватскиот правосуден систем, со кои би се намалил огромниот број нерешени судски спорови, остануваат и натаму отворени.

Хрватска официјално е членка на Европската унија. По серијата воени конфликти на етничка основа и по речиси десет години преговори за членство, земјата на нашироко саканиот Јадран стана 28 член на семејството на европските народи. Откако во 1991 година се одвои од социјалистичка Југославија и четири години во низа беше простор на насилни воени судири, Хрватска на денешниот датум прави историски рез, но уште долго ќе остане поделена помеѓу надежите и стравовите за идниот правец на својата државност оптоварена со тонажата на коруптивните механизми, како и на својата економија, којашто во пренагласена мера ја следат долгови, невработеност од 22 процента, безреден здравствен и разнишан пензиски систем. Препораките за што поголеми напори за зајакнување на ефикасноста на хрватскиот правосуден систем, со кои би се намалил огромниот број нерешени судски спорови, остануваат и натаму отворени.

Уште во процесот на преговорите, Европската комисија повеќепати замижуваше пред реалните недостатоци на Хрватска. На пример, спорот за границите со Црна Гора во Которскиот залив остана нерешен, исто како и враќањето на десетици илјади Срби протерани за време на војната. Ретко расветлувани теми се старомодната и политизирана државна администрација, како и продорот на корупцијата, која требаше да се намали со повеќе експресно донесени закони, но остана вообичаено секојдневие за хрватските граѓани. Тие, пак, не се покажуваат претерано одушевени. На референдумот за членство во ЕУ гласаа само 44 отсто од хрватските граѓани со право на глас, а на изборите на пратеници во Европскиот парламент излегоа само 21 отсто. На пристапувањето последователно се надоврзуваа стравови за иднината на земјата, од кои најсилни „распродажбата“ на домашната економија и напливот на странци заинтересирани за купување атрактивни земјишта на хрватското крајбрежје.

Еден од условите за пристап кон Унијата беше и приватизирање на државните бродоградилишта. Договорот за продажба на бродоградилиштето „Трети мај“ во најголемото хрватско пристаниште Риека требаше да биде склучена изминатиот викенд, но економската издржливост на предложената купопродажна одлука беше проследена со големи сомнежи и со недоверба. Во последна минута, т.е. два дена пред официјалниот прием во ЕУ, дословно „фабрикуван“ е закон со кој се спречува испорачувањето на поранешниот хрватски агент на УДБА, Јосип Перковиќ, на германските власти. Тамошната сојузна покраина Баварија распиша меѓународна потерница за Перковиќ поради убиство на хрватски имигрант во осумдесеттите години на 20 век. Во меѓувреме, Хрватскиот Сабор го смени Законот за правосудството, со што се оневозможи екстрадиција на лица во други земји, коишто се бараат за прекршочни дела сторени пред 2002 година.

Досегашните и идните реформи на хрватското правосудство

Хрватска континуирано презема чекори на реформирање на својот правосуден систем, почнувајќи уште од 2003 година, кога поднесе апликација за членство во Европската унија. Најпрвин беа внесени измени во Уставот за да се гарантира независноста на јавните обвинители и за да се обезбеди транспарентна процедура за назначување нови судии. Хрватскиот Сабор донесе о закон за прибавување докази од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во случаи што се водат пред хрватските судови, а истовремено се вложија напори и за смалување на бројот на нерешени случаи  преку зајакнување на функционалноста и на капацитетот на судските оддели за воени злосторства. Најпосле, формирано е и специјално тело за сузбивање на корупцијата, Комисијата за утврдување конфликт на интереси.

Она што останува незавршено во поглед на реформите на хрватскиот правосуден систем, пред сè, се одразува во континуирано давање што поголеми напори за зајакната ефикасност на системот, со цел да се намали количеството заостанати случаи, чија приближна бројка изнесува 800000, од кои мнозинството се случаи на извршување. Европската комисија и натаму упатува јасни препораки во врска со гонењето на лицата вмешани во случаите на висока корупција по примерот на поранешниот премиер Иво Санадер. Тој е осуден на единствена казна-затвор од 10 години за воено профитерство и за земање мито во висина од 10 милиони евра од управителот на унгарската нафтена компанија МОЛ, со цел препуштање на мнозинските права во нафтената компанија ИНА на сметка на Хрватска. Против него се во тек уште неколку судски предмети.

Без разлика на увидените недостатоци, пристапувањето на Хрватска се смета во повеќето кругови на стручната и на пошироката јавност за приказна со далекосежни последици за остатокот од балканските земји, коишто чекаат прием во Европската унија. Челниците на европските институции повеќепати досега потцртувале дека перспективата за евроинтегрирање останува отворена за сите земји од поранешна Југославија, под услов сестрано да ги унапредуваат изворните вредности на ЕУ, како што се владеењето на правото, принципите на демократијата и човековите права. Процесот на проширување, како што се наведува во анализите на повеќе светски медиуми, се очекува да биде доволно долг за да им се помогне на овие држави да напреднат во реформирањето на своите системи, но степенот на зрелост, како и конечниот исход, ќе зависат исклучиво од нив самите.

Дел од новите правила на управување:

  • Се укинуваат сите видови царина на стоката од Европската унија. На граничните премини нема царински контроли, ниту пак ќе се царинат производите купени преку интернет и испорачани преку пошта.
  • Хрватските граѓани, до влезот во Шенгенската зона, и натаму ќе минуваат низ полициска контрола на границите со соседните земји-членки на ЕУ. За премин на границите доволна е само личната карта.
  • Сите издадени документи — личните карти, пасошите и возачките дозволи — ќе важат до истекот на нивниот наведен датум.
  • Подрачните единици на Хрватскиот фонд за здравство издаваат Европска здравствена картичка, којашто има важност од една година и ги покрива трошоците за лечење на неочекувано настанати болести или нанесени повреди во земјите-членки на ЕУ.
  • Хрватските студенти можат да студираат во која било држава на ЕУ под истите услови како и за граѓаните на тие земји.
  • Хрватска има на располагање финансиски средства од фондовите на ЕУ со кои може да се изведуваат проекти и да се поведуваат иницијативи со признак на општествена важност за земјата.
  • Не сите држави ги имаат отворени своите пазари на трудот за Хрватите; процесот на отворање ќе трае максимално седум години. Ограничување имаат поставено: Словенија, Германија, Австрија, Холандија, Велика Британија, Белгија, Шпанија и Луксембург.
  • Децата помлади од 16 години можат да извадат своја лична карта, за која барањето го поднесуваат родителите или старателите.

Подготви: Далибор Стајиќ Објавено на: 1.7.2013