/ Прочитано:

1.055

Хрватска пред референдум за дефинирање на бракот: социјалниот простор стеснет за ново поимање на еднаквоста

Не стивнува жестината на контроверзиите што ѝ се наметнуваат на Хрватска откако пристапи кон ЕУ. Спроти силниот замав на корупцијата и сред исклучително неповолниот економски релјеф, хрватските власти распишаа за 1 декември 2013 година референдум со кој бракот би се дефинирал како заедница меѓу маж и жена. Иако во многу земји од ЕУ не е дозволено распишување референдум за прашања поврзани со човековите права, здружението „Во име на семејството“ собра доволен број потписи за поведување иницијатива за граѓанско изјаснување, па доколку успее во својата намера, хрватскиот Устав ќе добие додатна одредба со дефиниција на бракот. М-р Боби Бадаревски, предавач на родовите студии на Филозофскиот факултет во Скопје, тврди дека еднаквоста во денешниот постмодерен политички контекст треба да се темели врз сознанието за релативноста на сите вредносни системи, отворајќи го социјалниот простор за нови можности на поимањето на еднаквоста, на инклузивноста и на социјалната правда во државата.

Минатото лето, здружението „Во име на семејството“, видно поддржано од Католичката црква, спроведе акција за собирање потписи, чија бројка достигна околу 740 илјади од вкупно 4,2 милиони жители. Големиот број потписи ја стави под притисок хрватската влада да го спроведе референдумот, иако не мора да презема таков подвиг. Актуелната владејачка гарнитура, според социјалдемократската идеологија што ја застапува, е против уставните измени, т.е. не се осгласува со додавањето нова уставна клаузула, но процедурално мора да ја запази својата управна обврска. Точката во која претходно наголемо се кршеа копјата на засегнатите страни, меѓу кои пратениците во Хрватскиот Сабор и судиите во Уставниот суд, беше кој има надлежност да го дефинира текстот на одредбата и да го прецизира нејзиното место во Уставот, имајќи предвид дека станува збор за проблематика од областа на човековите права. Во многу земји од Европската унија не е дозволено распишување референдум за прашања поврзани со проблематиката на човековите права, но притисокот на Католичката црква го направи во Хрватска спротивниот пробив.

Критизерите на иницијативата за референдум постојано истакнуваат оти економската криза стана вистински катализатор на непријателството спрема малцинските групи, како што е заедницата на лезбијките, геј, бисексуалните и трансродните лица (ЛГБТ). Имено, критизерските групи гласно убедуваат дека менувањето на Уставот, односно вметнувањето додатна ставка за дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, е агресивно одвлекување на вниманието на јавноста од актуелните проблеми во државата, пред сè, од економската криза. Потцртувајќи дека Хрватска отсекогаш имала проблем со екстремната десница и со разноразни националистички движења, групите што ја поддржуваат ЛГБТ-заедницата се покажуваат крајно огорчени од перфидниот начин на кој дискриминаторската идеологија еволуирала низ времето и стојат настрана од какви било конзервативни тенденции што го попречуваат слободниот човеков избор.

Пред одржувањето на референдумот, Хрватскиот хелсиншки комитет за човекови права нагласи на повеќе наврати дека демократијата, меѓу другото, претставува различност во мислењето. Според Комитетот, поддржувачите и противниците на хомосексуалните врски имаат право на јавно изразување на својот став, но без априорно меѓусебно дисквалификување. Оттаму, Комитетот ги повика оние што не се сложуваат со акцијата на здружението „Во име не семејството“ толерантно да го изразуваат своето негодување и да не се спуштаат на рамништето на оние групи што ја претставуваат Хрватска како нетолерантна и примитивна земја. Извршниот одбор на Комитетот дотолку понагласено искажа став за поддршка на законските иницијативи во полза на регистрираното партнерство на хетеросексуалните и на хомосексуалните партнери, истакнувајќи дека тоа не значи истовремено и поддршка за т.н. „геј бракови“. Со регистрираното партнерство се бранат стекнатите социјални права и еднаквоста пред законот на оние поединци и заедници што опстојуваат вон традиционалните брачни заедници, а тоа не ја доведува во прашање традиционалната установа на бракот.

 Во пресек на општата проблематика, м-р Боби Бадаревски, предавач на програмата за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје, чијашто функција времено е ставена во мирување, вели оти еднаквоста во денешниот постмодерен политички контекст треба да се заснова на сознанието оти сите вредносни системи се релативни, отворајќи го на тој начин социјалниот простор за нови можности на поимањето на еднаквоста, на инклузивноста и на социјалната правда во државата.

„Ставот оти мнозинството, по дефиниција, има конзервативни, а сексуалните малцинствата имаат прогресивни ставови поврзани со политичкиот и со социјалниот статус на ЛГБТ-заедниците, има единствено смисла ако на нивната релација се гледа перспектива на малцинствата. Не постои апсолутен критериум според кој би одлучиле дека моралните и културните вредности на мнозинството се конзервативни, ниту пак постои априори критериум дека интересите и вредностите на малцинствата треба да бидат промовирани и заштитени преку концептот на човекови права. Ако ги изземеме политичките атрибути „мнозинство“ и „малцинство“, станува јасно дека, всушност, се работи за борба на културни групи за моќ и контрола над јавниот политички, културен и социјален простор. Во контекст на проширување на правата произлегува оти само мнозинските сродни групи треба да го редефинираат својот политички, социјален и културен идентитет и да ги вклучат вредностите на малцинските групи (кои неретко се во спротивност со системот вредности на доминантата мнозинска група) во јавниот општествен простор. Таквата позиција раѓа кај мнозинството реакција во форма на ксенофобија, хомофобија итн. Во денешниов, постмодерен политички контекст веќе не станува збор за тоа да ја дефинираме еднаквоста преку делегитимација на мнозинството како узурпатор на јавниот простор. Напротив, еднаквоста во денешни услови треба да се темели на сознанието за релативноста на сите вредносни системи, отворајќи го социјалниот простор за нови можности на поимањето на еднаквоста, на инклузивноста и на социјалната правда“, порачува Бадаревски.


 Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 11.11.2013