Хрватската полиција го уапси калуѓерот заводник
Четврток, 18 октомври 2012 – Хрватската полиција, синоќа во Загреб го уапси фра Шиме Нимац, кој е осомничен дека незаконски присвоил 1,3 милиони евра, по што тој е префрлен во Сплит, каде што ќе продолжи истрагата. Неслужбено се дознава дека бил лоциран преку сигналот на неговиот мобилен телефон. Се уште не се знае дали била упасена и таинствента девојка со која наводно заедно побегнале.
Со денови, Нимац праќаше пораки до хрватските медиуми дека ќе се врати и ќе ја разјасни целата ситуација, потенцирајќи дека е многу комплицирано, но хрватската полиција беше побрза. Хрватските власти прв пат се сретнуваат со случај каде калуѓер е пријавен за злоупотреба на службената должност, па клучното прашање е дали Нимац има статус на службено лице. Доколку се утврди дека е службено лице, истрагата ќе ја преземе Канцеларијата за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК), а во спротивно Жупаниското државно обвинителство или Јавното обвинителство на Макарска.
Веста за проневерата на хрватскиот калуѓер кој наводно побегнал со 1,3 милиони евра надвор од земјата, ја крена на нозе Сплитската архиепископија. За да се избегнат шпекулациите Архиепископијата се огласи со соопштение до јавноста, во кое потврдува дека Нимац продал црковно земјиште без одобрение, а потоа ги подигнал парите. Според наводите во соопштението, парите му биле исплатени преку трговското друштво „Сончев лик“ во два наврати, на 10. 4. 2012, му биле префрлени дел од сумата за земјиште со површина од 39. 556 м2 и на 20.04.2012 година му биле префрлени останатите пари.
Триесет и четиригодишниот калуѓер бил многу популарен помеѓу жените. Мештаните во повеќето села каде што бил калуѓер ги пленел со раскошниот стил на живот, скапите автомобили, а се зборува и дека си купил јахта. Поради сето ова бил нарекуван калуѓер плејбој и Армани фратар.