/ Прочитано:

2.172

И адвокатски канцеларии се пријавиле за сертификат „Фер со потрошувачите“

Граѓанската организација „Новинари за човекови права“ и Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ ги презентира резултатите и наодите од проектот „Среќни потрошувачи, задоволни произведувачи“, финансиран од Европската Унија.

Секој граѓанин на Македонија во одреден момент се наоѓа во улога на потрошувач. Со цел да ги заштити своите граѓани, државата пропишува закони кои ги гарантираат основните права на потрошувачите – право на заштита на здравјето на луѓето, безбедноста и имотните интереси, и се грижи тие да се спроведуваат.

Потрошувачот очекува дека стоката што ја купува или услугите што ги добива имаат одреден квалитет кој подразбира погодност за употреба на стоките и ефикасност на услугите, исправност, безбедност, сигурност.  Во таа смисла, потрошувачите очекуваат фер однос од компаниите.

Во Македонија, беше истакнато на денешниот настан, 46 домашни компании ќе добијат сертификат „фер со потрошувачот“. Сертификатот е гаранција дека компаниите постапуваат чесно со купувачите или корисниците на нивните услуги.

Сертификатот, исто така, подразбира дека компаниите секогаш излегуваат во пресрет на потрошувачот и нудат производи соодветни на цената, но и ги решаваат поплаките спогодбено.

Сертификатот кој претставува посебно лого со ознака „фер со потрошувачот“ ќе биде поставен на нивните продажни места, на пакувањата, на производите, на веб-страниците или на промотивните материјали.

„Станува збор за 46 фирми од различни сектори: туристички агенции, градежни компании, приватни градинки, малопродажба, услужна дејност, производители на стоки за широка потрошувачка. Сите овие влегуваат во т.н. прва фаза, и нивното сертифицирање ќе биде бесплатно, покриено со средства од Европската Унија“, беше образложено на денешниот настан.

Александар Николов од Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ на прес-конференцијата истакна дека интересот за сертификација бил неочекувано голем.

„Дури се пријавија и адвокатски канцеларии, осигурителни и финансиски друштва, за чие сертифицирање се потребни дополнителни критериуми. Затоа нив и ќе ги изоставиме во првата фаза“, образложи Николов.

Тој додаде дека за да добие сертификат, една компанија треба да исполни најмалку 50 отсто од предвидените 25 услови дефинирани во шест области, меѓу кои: безбедност на потрошувачот, фер пазарни практики, односи со корисници и заштита на лични податоци.

Сертифицирањето е проект насловен „Среќни потрошувачи, задоволни произведувачи“ на Здружението на новинари за човекови права и е дел од проектот за безбедност на играчките. Се спроведува преку ИПА-програмата за граѓанско општество и медиуми 2015 и проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор – развивање иновативен модел за мобилизација на финансиски средства“.