/ Прочитано:

1.341

И градежните компании имаат корист од проектот „Купи куќа, купи стан“

Градежната комора на  Македонија го поддржува проектот  „Купи куќа, купи стан“ од самиот почеток на неговата промоција и смета дека со новите услови дополнително ќе се влијае на стимулирањето на продажбата на нови станови за млади луѓе. Дополнително се поддржува порастот на градежниот сектор во делот на високоградба преку градење на нови станбени единици, задржување на постојните и генерирање нови вработувања, а сето тоа ќе влијае врз порастот на целокупната економија, беше истакнато на прес-конференцијата во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Претседателот на Градежна комора на Македонија,  Ивица Јаќимовски, вели дека со овој проект корист имаат и компаниите, преку зголемената продажба на изградени висококвалитетни и енергетски ефикасни станови, младите луѓе, кои со многу поволни услови ќе можат да дојдат до нов стан, локалните самоуправи, но и централната власт.

„Градежната комора на Македонија, која е единствената комора што го обединува градежниот сектор, го поддржува проектот ‘Купи куќа, купи стан’ бидејќи тој е во заеднички интерес на сите, а пред сè на граѓаните, кои полесно ќе се одлучат да инвестираат во својата иднина и да останат да живеат и да работат во Македонија. Покрај тоа овој проект ќе придонесе и за развој на руралните општини, каде што цената за изградба на објекти во високоградба по метар квадратен е значително пониска во однос на централното градско подрачје. Тоа ќе придонесе и за развој на другите стопански гранки во нашата земја, како и со директни инвестиции за развој на општините“, вели Јаќимовски.

Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан“, кој е поставен на веб-страницата на Министерството. Од Финансии велат дека за неполни три месеци, откако стапиле на сила новите услови, интересот кај граѓаните е голем, а причина за тоа се намалените каматни стапки, новиот модел „Купи стан за млади“, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете.

„За државата е многу важно секој граѓанин да има можност да се стекне со сопствен дом. Од таа причина пристапивме и кон подобрување на моделите за ‘Купи куќа, купи стан’. Условите се подобрени најмногу во делот на купување на станови, каде што впрочем интересот на младите е и најголем. Во овој дел, младите до 35 години, во согласност со новите подобрени услови, од државата добиваат до 70 проценти субвенција на ратата во првите пет години од отплатата на кредитот.

Секако останува и опцијата за помош при отплатата на учеството на оние на кои им е потребна помош за учество за кредит. Така, оние што ќе го одберат моделот ‘субвенција на учество’ наместо моделот ‘субвенција на рата’, ќе добијат 70 проценти помош од државата од учеството за станот.

Но секако за да биде успешен овој проект, потребно е на пазарот да има изградба на станови со цена до 900 евра за метар квадратен.

Од Градежната комора добивме уверување дека такви станови има и дека се градат. Секако вакви станови нема во централното градско подрачје. Но во останатите делови на главниот град и во другите градови низ државава се градат. Дополнително, би истакнала дека, во согласност со новите услови, граѓаните можат да аплицираат за субвенциониран станбен кредит по намалени каматни стапки. Така, каматната стапка за моделот ‘субвенција на рата’ за првите три години изнесува 2,9 проценти, а за третата и за четвртата година 3,9 проценти. Несомнено, каматните стапки на субвенционираниот станбен кредит се едни од најниските кои се нудат во моментов.

Воедно, намалена е и каматната стапка за моделот ‘субвенција на учество’. Таа сега изнесува 4 проценти за цело времетраење од исплатата на кредитот зголемена за 6-месечен еурибор.

Ниските каматни стапки ќе бидат поттик и за намалување на каматните стапки кои ги нудат банките за останатите станбени кредити.

Тука би ја нагласила и вкупната субвенција што ја добиваат младите доколку аплицираат за овој кредит. Корисниците што ќе го одберат моделот ‘субвенција на рата’, за кредит од 50 илјади евра вкупниот износ на субвенцијата изнесува 11.900 евра.

Оние, пак, што ќе го одберат моделот за помош при отплата на учеството, за кредит од 50 илјади евра од државата ќе добијат од 8.750 евра.

Дополнително, корисниците на субвенциониран станбен кредит, за секое новородено или посвоено дете ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти.

Секако останатите модели остануваат. Така, субвенциите за стан за лица над 35 години остануваат исти, така што и тие што до таа возраст не се стекнале со сопствен стан, имаат помош од државата.

За лицата над 35 години креиравме нов модел ‘Купи куќа над 35 години’. Имено оние кои имаат над 35 години и сакаат да изградат или да купат куќа, ќе добијат субвенции од 80% од месечната рата во првите пет години, или 80 проценти од учеството.

Планираме и саем ‘Купи куќа, купи стан’, на кој ќе бидат поканети сите градежни компании и банки, за кој наскоро ќе дадеме повеќе информации”, образложува заменик-министерката Елези.

Министерството за финансии подготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан“

МФ: Отсега може да се аплицира за субвенциониран станбен кредит по камата од 2,9%

Предложени законски измени за подобрување на условите за добивање на субвенциониран станбен кредит

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Условите и постапката за субвенционирање на станбен кредит за изградба или купување на нова куќа

М.В