/ Прочитано:

1.085

Собранието ќе расправа за финансискиот план, а Советот на обвинители за работата на Јанева

И ОТЧЕТ И БУЏЕТ НА 27 ФЕВРУАРИ: Специјалното обвинителство за неопходноста од финансискиот план и за седницата на Советот

Тоa што се' уште не e одбрен финансискиот план за работа на Специјалното јавно обвинителство негативно влијае врз ефикасноста на работата, велат од Специјалното јавно обвинителство за Академик.

PUC KATICA JANEVA I LENCE RISTOSKAФинансискиoт план за Специјалното јавно обвинителство, в среда, 27 јануари, ќе се најде пред пратениците. Согласно истиот, средствата во износ од 253.682.112 денари се наменети за непречено работење и автономно функционирање на Јавното обвинителство.  Во меѓу време, тимот на обвинителката Катица Јанева се’ уште е без плата, а не можат да ги спроведат ниту јавните огласи за нови вработувања, кои, пак, ќе бидат условени од кратките рокови за постапување поради наближување на изборите и забраните за вработувања кои важат за време на изборниот процес. Oва, како што велат оттаму, освен што негативно се одразува врз ефикасноста на Специјалното обвинителство, негативно влијае и на намирување на финансиските обврски кои ги имаат преземено. Финансискиот план до Собранието, до Владата и до Министерството за финансии го доставиле на 4 јануари, а наредниот ден добиле информација дека Владата го усвоила предлогот.

„Неодобрувањето на финансискиот план за работа на ова Јавно обвинителство влијае врз ефикасноста на работата. Ова од причина што без буџет и обезбедени финансиски средства не можат да се спроведат вработувањата на стручната служба во ова Јавно обвинителство, а имајќи ги предвид кратките рокови за постапување поради наближување на изборите и забраните за вработувања кои важат за време на изборниот процес. Воедно немањето на финансиски средства негативно влијае и на намирување на финансиските обврски кои ги има преземено ова Јавно обвинителство, а кои доколку не бидат исполнети благовремено, имаат соодветни финансиски импликации кои паѓаат на товар на буџетот на ова Јавно обвинителство“, велат од Специјалното јавно обвинителство.

Од Собранието посочуваат дека не станува збор за намерно одолговлекување, туку дека Предлог-одлуката за пренамена на средства од Буџетот во Собранието е доставена на 11 јануари попладнето и дека веднаш е ставена на првата наредна седница и дека не станува збор за голем период.

„Од медиумите се информираме дека ќе се оценува работата на специјaлната обвинителка“

На 27 јануари, пак, истовремено, во Советот на јавни обвинители ќе се расправа за работењето на Јанева. На седницата, која требаше да се одржи вчера, но се одложи поради, како што беше наведено, болест на еден од членовите, треба да се дискутира за тоа како е извршено примопредавањето на незаконски прислушуваните материјали од СДСМ, односно дали е составен записник од страна на Јанева.  Откако членовите на Советот ќе го добијат одговорот од Јанева, ќе одлучат дали ќе има потреба да се отвори дисциплинска постапка против обвинителката поради нестручно и несовесно работење. Од Специјалното обвинителство укажуваат дека на оваа околност досега Советот не се обратил до нив и дека сите информации ги добиваат од медиумите.

„Согласно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, специјалната јавна обвинителка е професионално одговорна за стручните и законски дејствија при нејзината работа пред Советот на јавни обвинители, така што доколку Советот смета дека е потребно да се оценува работењето на специјалната јавна обвинителка, ние сме отворени за соработка. Укажуваме дека Советот не се обратил до нас формално да не извести за седница и за нејзиниот дневен ред, па во оваа насока сите информации околу работата на Советот која се однесува и на ова Јавно обвинителство ние ги добиваме од медиумите“, истакнуваат од Специјалното обвинителство.

Промена на Законот за заштита на сведоци за целосно имплементирање на начелото на автономност

Еден од проблемите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство е и неможноста да се одговори на барањата на заштитените сведоци кои се пријавуваат да сведочат во предметите кои ги презеде оваа институција, па оттука оттаму бараат измени на Законот за заштита на сведоци.

„Целта на измените на Законот за заштита на сведоци е во обезбедување на надлежност на специјалната јавна обвинителка, таа да одлучува за потребата од вклучување на одредено лице во програмата за заштита на сведоци, со што во целост би се имплементирало начелото на автономност на ова Јавно обвинителство во однос на постапувањата на Јавниот обвинител на Република Македонија, а би се овозможил и повисок степен на конспиративност и заштита на идентитетот на заштитените сведоци, имајќи ја предвид надлежноста и кривичните дела кои се предмет на истражување на ова Јавно обвинителство. Постапката на изготвување на предлог измените е во тек, со оглед дека се разгледуваат компаративни искуства и решенија усвоени во земјите во Европа и регионот“, појаснуваат од Специјалното обвинителство.