/ Прочитано:

1.260

И покрај штрајкот на судската администрација судовите биле ажурни во второто тримесечје од 2016 година

Но и покрај штрајкот на администрацијата, претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, е задоволен дека судовите успеале да се справат со приливот на предмети и да го решат заостатокот на предмети и генерално се оценети како ажурни.

Илустрација, судија

Во петокот Судскиот совет го усвои извештајот за работата на судовите во Република Македонија за второто тримесечје за 2016 година. Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, истакна дека судовите доцнеле со извештаите за својата работа од април до јули 2016 година од објективни причини поради штрајкот на судската администрација и поради обемноста на материјалот кој треба да се подготви за извештаите.

Но и покрај штрајкот на администрацијата, Караџовски е задоволен дека судовите успеале да се справат со приливот на предмети и да го решат заостатокот на предмети и генерално се оценети како ажурни.

Александра Зафировска, член на Советот, го презентираше извештајот за работата на судовите на скопското и на гостиварското апелационо подрачје.

Зафировска прв го презентираше извештајот за работата на Врховниот суд за кој истакна дека во април влегол со 1 985 предмети, а во извештајниот период примил 990 нови предмети, со што во работа имал вкупно 2 983 предмети. Од нив решил 911, додека нерешени останале 2 072 предмети. Со тоа, рече Зафировска, Врховниот суд не успеал да го совлада приливот и да го реши заостатокот на предмети, поради што е оценет како неажурен.

И Апелациониот суд Скопје е оценет како неажурен. Тој тримесечјето го започнал со 7 968 предмети, а примил 5 372, со што во работа имал вкупно 11 540 предмети. Оценет е како неажурен бидејќи решил 3 953, а нерешени останале 7 587 предмети.

Најголемиот суд во земјава, кој има и најголем број предмети, Кривичниот суд во Скопје е оценет како ажурен. Тој го започнал второто тримесечје со 43 129 предмети, а во извештајниот период примил  20 434 нови предмети. Од вкупно 63 554 предмети во работа, судиите од Кривичниот суд решиле 24 593, а како нерешени останале 38 961 предмет.

Основен суд Скопје 1

Основниот суд Скопје 2 Скопје второто тромесечје го започнал со 13 531 предмет, а примил 7 443 предмети. Од нив решил 7 643 предмети, а како нерешени останале 13 319 предмети, со што е оценет како ажурен.

Од судовите кои спаѓаат во надлежност на скопското апелационо подрачје како неажурни се оценети уште Основниот суд во Кавадарци и Основниот суд Куманово.  Но како што истакна Зафировска, генералната оцена за работата на судовите на ова апелационо подрачје е дека биле ажурни.

За разлика од судовите во скопското апелационо подрачје, судовите на гостиварското апелационо подрачје за само 8 предмети не успеале да го совладаат приливот на нови предмети и да го решат заостатокот на стари предмети и поради тоа се оценети со генерална оцена – неажурни, иако Апелациониот суд Гостивар, Основниот суд Тетово, Основниот суд Кичево се оценети како ажурни, а само Основниот суд Гостивар е оценет како неажурен.

И штипското апелационо подрачје е генерално оценето како неажурно, истакна Виолета Богоевска, член на Судскиот совет, која ги презентираше извештаите за работата на овие судови.  Во него како неажурни се оценети основните судови во Берово, Виница, Делчево, Кочани, Свети Николе и Основниот суд во Штип. Во второто тромесечје на ова апелационо подрачје ажурно работеле Апелациониот суд Штип, Основниот суд Струмица и Основниот суд Радовиш.

Судовите на битолското апелационо подрачје се оценети како ажурни. Од судовите на ова апелационо подрачје како неажурни се оценети само судовите во Прилеп и Струга.

Штрајкот на судската администрација започна на 18 мај и траеше до средината на месец јули.  Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација бараа измена на Законот за судска служба и зголемување на додатоците на плата.

М. С.