/ Прочитано:

1.687

И припејд корисниците задолжително ќе потпишуваат писмен договор со операторот – АЕК пoдготви нови измени на регулативата

Во Агенцијата за електронски комуникации денеска се одржа Втор јавен состанок за 2014 година, на кој се дебатираше за  најновите активности на Агенцијата, како и за новите измени во регулативата од областа на електронските комуникации.

Состанокот започна со излагањето на директорот на АЕК, Роберт Ордановски, кој истакна дека состанокот е придонес кон јавната расправа за најновите измени во законската регулатива и како што подвлече, за  најважната темата во јавноста – укинувањето на роамингот, што доаѓа по иницијатива на АЕК.

„Очекуваме на лето овие цени да се воведат и да се изедначат со оние што се актуелни во земјите-членки на ЕУ“, најави Орданоски, кој потоа се осврна на измените во законската регулатива и на пакетот подзаконски акти кои нужно мора да се донесат за да се остварат законските цели, но и за заштитата на граѓаните и нивните права како потрушувачи и корисници на електрокомуникациски услуги.

Орданоски потенцираше дека како круцијална законска измена е воведувањето задолжителен писмен договор меѓу припејд корисниците и операторите.

„Обрската за тоа произлегува од Законот за електронски комуникации, па оттука таков договор мора да има“, нагласи Ордановски.

Тој се осврна и новитетите во однос на телекомуникациските оператори, според кои, како што рече, операторот нема да смее да ја менува програмската содржина без знаење на корисникот, кој, доколку се случи тоа,  може да го раскине договорот. Исто така, според новите измени, се проектира и достапност на Интернет за сите домаќинства и корисници, што стратешки е определено за следниот период.

„Направивме убави правилници, на операторите им останува да ги спроведат“, апелираше Ордановски до бројните претставници од телекомонукациските и мобилните оператори.

По излагањето на Ордановски, свое излагање имаше Александар Коцевски, самостоен стручен соработник во Секторот за анализа на пазарите во АЕК, кој детално ја образложи состојбата на пазарот за електронски комуникации.

Поконкретно, Коцевски го анализираше бројот на фиксни линии и промена на индикаторот и бројот на фиксни линии според популација, вкупниот обем на појдовен сообраќај,  уделот на операторите според фиксни линии, просечниот обем на појдовен сообраќај по претплатник инициран од јавната телефонска мрежа, бројот на активните претплатници и промената на индикаторот број на активни претплатници според популација 100, соодносот на припејд и постпејд претплатници, уделот на пазарот за мобилна телефонија според активните претплатници, појдовниот сообраќај во минути и испратени пораки.

„Општ заклучок е дека е зголемен пазарот на корисниците“, истакна Коцевски.

Бојана Стефановска, претставник од правниот сектор на АЕК, ја анализираше промената на регулативата на АЕК. Таа нагласи дека промените се иницирани од потребата од усогласување со легислативата на ЕУ и хармонизацијата на Законот за електронски комуникации.

„Една од позначајните промени во регулативата е т.н. Правилникот за општите услови и за овој правилник пристигнати се коментари и набрзо ќе се објави конечната верзија“, рече  Стефановска.

Како што објасни Стефановска, во Правилникот се опфатени времетраењето на претплатничкиот договор, претплатничките договори, без разлика на начинот на плаќање, заштитата и принципот на мрежна неутралност.

Покрај овој Правилник, Бојана Стефановска елаборираше дека е новитет и Правилникот за квалитет, во кој се прецизираат  квалитетот на кабелските мрежи, параметрите на мобилните мрежи, методологијата на мерниот сигнал, достапноста на мрежите и одржливоста на услугите.

Стефановска се осврна и на Правилникот за битстрим, на Правилникот за градење и на Правилникот за универзалната услуга, а резимираше со анализа на прекршочната постапка што се предвидува во конкретната регулатива, во согласност со Законот за електронски комуникации.

„Прекршочната постапка ќе се води пред и ќе ја изрекува Комисијата на Агенцијата, можност која ја регулира Законот за прекршоците и оваа комисија ќе одлучува по строго определени прекршоци“, подвлече Бојана Стефановска.

Низ дебатата централно беше прашањето за задолжителното потпишување на писмени договори и за припејд корисниците на мобилната телефонија. Дел од учесниците реагираа дека тоа обврзување не е практично, но аргументите на АЕК се дека со тоа се штити правната сигурност на граѓаните.

„Не смее да има ваква дискриминација кон граѓаните и корисниците“, е еден од аргументите на АЕК за овој новитет во прописите, од каде додаваат дека мора да се почитува законската обрска дека претплатнички договор мора да има, без да се прави разлика каков е.

Јавниот состанок заврши со излагањето на Лидија Пауновска, раководител на одделението за радиодифузна и сателитска служба, која говореше за Предизвиците во планирањето на радиофреквенциите во 2015, притоа елеборирајќи го и правилното пропорционално планирање и  надлежностите на Секторот за радиокомуникации.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

23.12.2014