/ Прочитано:

4.300

И втората апликација на судијата Панчевски прифатена во Стразбур, деталите ги образложува адвокатот Петро Јанура

Втората апликација на поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје, Владимир Панчевски, пред Европскиот суд за човекови права, исто како и првата, успешно ја помина првата прелиминарна фаза на испитување на  допуштеност, вели адвокатот Петро Јанура. Двете апликации на судијата Владимир Панчевски се поврзани со претресот кој беше направен лично врз него и во неговиот дом од страна на Специјалното јавно обвинителство, а по наредба на претседателот на Основниот суд Гевгелија.

„Во првата апликација истакнавме дека станува збор за флагрантна повреда  на правото на почитување на приватниот и семејниот живот, како и за повреда на правото на правично судење. Образложивме цел еден сублимат на повреди на Европската конвенција. Воедно, истакнавме дека претресите се од малициозна природа со цел да се вознемират и да се застрашат Владимир Панчевски и околината.

Втората апликација беше поднесена откако стана правосилна одлуката на Основното јавно обвинителство со која беа отфрлени кривичните пријави кои беа поднесени од Владимир Панчевски. Имено, за да си го заштити својот углед и достоинство судијата Владимир Панчевски поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство против претседателката на Основниот суд Гевгелија, понатаму против Катица Јанева, како и против другите учесници во спроведувањето на претресите, меѓу кои и други службени лица вработени во МВР и во Специјалното јавно обвинителство. Кривичните пријави беа обелоденети во јавноста, а воедно од снимката на домашниот видеонадзор од домот на судијата Панчевски и целата македонска јавност можеше да посведочи дека едно од службените лица од МВР при претресот во домот на прикриен начин, односно противправно го одзема клучот.

Објективно, секој непристрасен набљудувач може да констатира дека одземање на клуч од дом од страна на полициски службеник и тоа на прикриен начин е вознемирувачки. Од постапката поведена по поднесените кривични пријави ги увидовме ‘двојните стандарди’ на Основното јавно обвинителство. За жал, нашите предложени докази и факти беа во целост игнорирани. Цело време имавме впечаток дека Основното јавно обвинителство ги заштитува Катица Јанева и другите обвинети. Впечатокот не беше погрешен. Имено, Основното јавно обвинителство ги отфрли кривичните пријави, а Вишото јавно обвинителство ја одби поднесената жалба, односно ја потврди првостепената одлука на Основното обвинителство. Следствено на одлуката на Вишото јавно обвинителство ја поднесовме и втората апликација до Европскиот суд за човекови права. Втората апликација се однесува исто така на повреда на правото на правично судење и правото на почитување на приватниот и семејниот живот.

Правото на Владимир Панчевски да докаже дека е жртва на повеќе кривични дела беше ускратено од страна на Основното јавно обвинителство. Но, исто така, со отфрлањето на кривичните пријави државата наместо да го заштити правото на почитување на приватниот и семејниот живот, го поддржа неговото повредување“, образложува адвокатот Јанура, додавајќи дека посочените предметите пред Европскиот суд за човекови права се особено важни за владеењето на правото, демократското општество и борбата на поединецот против притисокот од страна на државниот апарат.

Судијата Панчевски се жали во Стразбур за претресот на СЈО во неговиот дом

М.В