/ Прочитано:

1.684

И Законот за употребата на македонскиот јазик ќе се усогласува со Законот за прекршоците

Министерството за култура подготвува измени на Законот за употребата на македонскиот јазик. Целта на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик е тој да се усогласи со новиот Закон за прекршоците.

Инаку, минатиот месец Владата најави нов Предлог-закон за употребата на македонскиот јазик. Според најавите, Законот предвидува вработување лектори во сите институции во државата, но и поактивна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на некогашните лекторати, но и отворање нови, особено во соседните земји.

Со постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик се уредува употребата на македонскиот јазик, како службен јазик во Македонија. Македонски јазик, во смисла на овој закон, е македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо. Употребата на македонскиот јазик, во смисла на овој закон, ги опфаќа неговата заштита, унапредување и збогатување.

„Македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката. Употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката“, се пропишува во Законот.

Во овој закон се пропишува дека службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и други текстови што се објавуваат во согласност со законот, задолжително се лекторираат на македонски јазик.

Најавен нов Закон за употреба на македонскиот јазик

M.В