ИКТ-компаниите со амандмани за законските измени за аудиовизуелните медиумски услуги
Здружението на информатичко-комуникациските технологии при Стопанската комора на Македонија одржа седница и расправаше за поднесените Предлог-измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
На седницата беше истакнато дека Здружението на информатичко-комуникациските технологии активно учествувало во расправата по текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и благовремено ги поднело донесените заклучоци од својата седница во однос на текстот до Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија.
„Во согласност со интензивните контакти и усогласувања со надлежните субјекти за донесување на преложените измени и дополнувања на Законот, во согласност со европските директиви од оваа област, почитувањето на авторските права, како и во согласност со веќе прифатениот текст од Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието на Република Македонија, членките на Здружението на информатичко-комуникациските технологии при Стопанската комора на Македонија заклучија да предложат текст со амандмански измени. Присутните се согласија дека овие амандмани ќе придонесат да се донесат прифатливи законски решенија за сите засегнати страни, со јасно дефинирани права и обврски“, информираат од Здружението на информатичко-комуникациските технологии при Стопанската комора на Македонија.
М.В