/ Прочитано:

2.700

Има ли потреба од работни судови?

Драги Јовановски, експерт по трудово право и долгогодишен познавач на состојбите во оваа сфера, ги поддржува настојувањата на синдикатите во однос на потребата за промена на состојбите со работните спорови. Идејата на дел од синдикалните претставници за формирање на работни судови за него е една од најдобрите опции. Според него, нивниот начин на функционирање би бил сличен на некогашните основни судови на здружен труд кои во времето на СФРЈ биле специјализирани за спорови од сферата на кршење на работничките права. Во случаи на повреда на одредено право на работникот, фирмата била должна на судот да му ги достави сите потребни акти и документи, како на пример, статут, правилник за дисциплина, правилник за работни односи...

Полни десет години траел судскиот спор на работникот Л.Љ. против НИП „Нова Македонија“ поради добиен отказ. На крајот, пред три години Врховниот суд донел пресуда врз две основи: едната е за судење во неразумен рок, поради што му се пресудени 500 евра отштета. Отказот  за кој судот утврдил дека е нелегален и спротивен на законот е причина за втората основа поради која му се пресудени 5.000 евра. Работникот, сепак, не успеал да ја наплати пресудата, бидејќи во меѓувреме правниот субјект влегол во стечај.

Според синдикатите, овој случај е еден од покарактеристичните во судската практика, но е потврда на нивните настојувања дека нешто мора да се преземе во однос на тоа како се водат работните спорови.

„Тие траат премногу долго и е неопходно да се забрзаат“, вели Трпе Деановски, генерален секретар на УПОЗ.

Според него, за да се заврши правосилно, со донесување на второстепена одлука, постапката обично трае од една и пол до две години. Тврди дека работите не се менуваат многу ни поради фактот дека според нашето законодавство, работниот спор има право на ревизија, односно Врховниот суд ги презема и ги разгледува предметите на првостепениот и на второстепениот суд. Финансискиот аспект е исто така голем проблем кој се наметнува во работните спорови. Само за да отпочне постапка, работникот треба да плати такса од 1.500 денари, економско вештачење 15.000 денари и доколку не е член на синдикатот, уште во старт треба да издвои од 100 до 150 евра за поднесување тужба. Материјалните издатоци се уште поголеми ако се побаруваат пари за отштета. Груби проценки се дека само за првото судење, работникот во просек треба да издвои околу 20.000 денари. Овие фактори, како и стравот од реваншизам се основните причини поради кои работниците ретко се охрабруваат да ја побараат правдата на суд.

Драги Јовановски, експерт по трудово право и долгогодишен познавач на состојбите во оваа сфера, ги поддржува настојувањата на синдикатите во однос на потребата за промена на состојбите со работните спорови. Идејата на дел од синдикалните претставници за формирање на работни судови за него е една од најдобрите опции. Според него, нивниот начин на функционирање би бил сличен на некогашните основни судови на здружен труд кои во времето на СФРЈ биле специјализирани за спорови од сферата на кршење на работничките права. Во случаи на повреда на одредено право на работникот, фирмата била должна на судот да му ги достави сите потребни акти и документи, како на пример, статут, правилник за дисциплина, правилник за работни односи…

„Во сите тогашни фирми, функционираа работнички совети од кои зависеше конечната одлука дали работникот треба да се отпушти или казни. Овие основни судови беа укинати на почетокот на 90-тите“, вели Јовановски. Сега постапките во кои има повреда на работното право се водат во редовни судови. Според него, во поголемиот број западноевропски земји, функционираат форми на работни судови. Така на пример, во случај на повреда на одредено работничко право се определуваат тројца судии. Едниот го назначува синдикатот, вториот фирмата, а третиот државата. Сите имаат увид во фирмата и можат да собираат докази.

Според адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, проблемот на работните спорови не е во должината на нивното времетраење.

„За разлика од другите судски предмети, споровите од работните односи за заштита на работничките права главно завршуваат брзо и се внимава на законската одредба тие да завршат првостепено во рок од 6 месеци“, вели Давидовиќ.

Како исклучок ги наведува судењата на територија на апелационото подрачје Скопје, кои траат подолго поради бројот на претпријатијата.

„Се согласувам дека до скоро постоеја судови на здружен труд кои се занимаваа исклучиво со оваа материја, но за волја на вистината, и денес во рамки на Основниот суд Скопје 2 постои посебно одделение кое се занимава исклучиво со правата од работен однос, така што правата на работниците со непостоење на специјализирани судови за работни односи не се ускратени и ограничени“, вели Давидовиќ.

Она што, според него, најмногу создава проблеми во остварување на работничките права и нивната судска заштита се судската такса и трошоците во судската постапка кои не ретко се високи, а работникот кој поднел тужба за поништување на решение за отказ и е фактички без работа и без плата, многу тешко може да ги поднесе овие трошоци. Оваа тешкотија особено се наметнува  при извршување на судската одлука каде што работникот за да ја спроведе судската пресуда повторно треба да ги авансира трошоците на извршителот, а тој е без работа и без плата веќе подолг временски период.

Во судската практика, најчесто работници поднесуваат тужба за поништување на решението за престанок на работен однос, за суспендирање – оддалечување од работа и предмети во кои претпријатието бара регресно враќање на исплатена штета сторена од работникот во вршењето на својата работа. Во последно време, чести се и предметите поврзани со мобингот. Во судските предмети, односно постапки, судот внимава најчесто на законито спроведена постапка при донесување на решение за престанок на работен однос.

Како еден од поголемите проблеми, Давидовиќ го посочува  давањето  отказно решение, односно носење решение за престанок на работен однос во случај кога е покрената кривична постапка против работникот.

„Во ваквите случаи најчесто претпријатието или државниот орган не го чека исходот на кривичната постапка, почитувајќи ги законските одредби и пресумпцијата на невиност, туку најчесто носи решение со кое на работникот му престанува работниот однос. Тој не дава најчесто приговор против таквото решение бидејќи не е во состојба тоа да го стори, особено ако е во притвор или ако одбие да го прими решението, па со самото тоа го губи правото и на судска заштита. Ова создава голем проблем во практиката, особено во случаите кога по завршување на кривичната постапка ќе се утврди дека работникот не сторил кривично дело. Поради неподнесување приговор и изгубеното право на судска заштита, тој нема друга законска можност да бара враќање на работа и да бара судска заштита на своето право“, вели адвокатот Давидовиќ.

Според Сања Томиќ, портпарол на Основниот суд Скопје 2, во согласност со Годишниот распоред на судот 02 – Су.бр.87/2016 од 22.12.2016 година во Одделот за работни спорови се распоредени шест судии кои постапуваат по предмети што произлегуваат од работните односи.

Во Одделот за работни спорови во текот на 2015 година, во согласност со податоците на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС), примени се вкупно 1 545 тужби. Во работа во текот на истата година имало 2062 предмети, а од нив решени се 1 546 предмети. Во текот на 2016 година, во Одделот за работни спорови, примени се вкупно 1 911 тужби. Во работа во текот на истата година имало 2 427 предмети и од нив се решени 1 385 предмети. Според Томиќ, автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС) нема можност да ги генерира, ниту пак одвоено да ги селектира податоците во однос на процентот на добиени пресуди во интерес на работниците.

Во Одделот за работни спорови најзастапени, односно најбројни се предметите по основ на надоместоци од работен однос и статусни спорови.

Постапката по предметите од областа на работните спорови претставува посебна постапка во Законот за парнична постапка. Портпаролот на Основниот суд Скопје 2 тврди дека при определувањето на роковите и рочиштата судот секогаш обрнува посебно внимание на потребата од итно решавање на  работниот спор. Во прилог на ова го посочува членот 405 од  Законот за парнична постапка, според кој постапката пред првостепениот суд мора да се заврши во рок од шест месеци од денот на поднесувањето на тужбата.

Според Злате Стојановски, раководител во Државниот инспекторат за труд, контролите за начинот на остварување на работничките права се вршат редовно, но и по поднесени претставки. На годишно ниво до трудовата инспекција се поднесуваат околу 2600 претставки. Најголемиот  број од нив се поради нередовна исплата на плата, нерегулирана прекувремена работа, незаконски откази, неисплатен регрес.

„Законот за работни односи прецизно ја регулира оваа сфера“, вели Стојановски и се повикува на членот 258. Во него стои дека ако инспекторот на трудот утврди повреда на закон, друг пропис, колективен договор, договор за вработување и други акти над чија примена врши инспекциски надзор, со решение ќе му нареди на работодавачот да донесе или поништи акт со кој ќе ги отстрани утврдените неправилности. Санкции во случај на непостапување по решението се предвидени во членот 265. Според ставот 2, точка 21, глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на директорот, односно на друго одговорно лице кај работодавачот. Ставот 3 од истиот член предвидува дека глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на работодавач-физичко лице.

А. Б.